Сител: Неколку автомобилски компании доаѓаат во Македонија
Неколку компании од автомобилскиот сектор до крајот на годината доаѓаат во земјава. Дел од нив ќе ги разгледуваат условите за инвестирање, а од дел се очекува да соопштат дека донеле одлука да вложат во Македонија.
Контактот со нив е воспоставен на саемот Аутомеханика во Франкфурт каде Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони има свој штанд. Македонската делегација е задоволна од интересот за земјава.
„Договоривме средби со компании со кои подолго време сме во контакт, но успеавме да стапиме во контакт и со дополнителни компании без разлика дали тоа значи нивни посети на нашиот штанд или наша презентација пред нив. Посетата на Германија ја искористивме и за посета на неколку германски компании, но и други фирми од цел свет кои имаат свои седишта овде“, вели Виктор Мизо во изјава за Сител.
Најдобар амбасадор на земјава пред автомобилските компании се токму гигантите од овој сектор кои веќе инвестираа во земјава. Мизо вели дека тие отвораат врата за новите инвеститори.
„Дел од компаниите овде знаат за Македонија, а на дел треба да им се дадат дополнителни параметри за тоа кои фирми се веќе присутни во земјава. Реномираните германски и американски гиганти кои веќе инвестираа во Македонија најмногу помагаат за да се отвори вратата за другите и тие да видат дека земјава може да биде дестинација во која тие би го прошириле производствто на европскиот пазар“, вели Мизо.
Аутомеханика е најголем саем во автомобислкиот сектор. Се одржува насекаде во светот од Шангај до Буенос Аирес, а главен е настанот во Франкфурт кој е одржува секоја вора година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа