Пратениците расправаат за буџетот за 2017
Во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи расправата по Предлог буџетот на Република Македонија за 2017 година.
Според предлог вкупните приходи се планирани на ниво од 187,6 милијарди денари што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година. Вкупните расходи се на ниво од 206,22 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од БДП, односно 18,6 милијарди денари.
Капиталните инвестиции се планирани на 26,95 милијарди денари.
Буџетот е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 проценти, а инфлацијата да остане на ниво од 1 отсто.
Предлогот пред членовите завчера, кога и почна расправата, го образложи министерот за финансии Кирил Миновски кој рече дека расправата во Собранието почнува во едни специфични политички околности. - Поставувањето на економски цели и насоки за следната година е потребно за непречено одржување на економска стабилност и покрај политичките случувања во земјава, што е и препорака на реномираните меѓународни финансиски институции, рече Миноски.
Предлог-буџетот за 2017 година, како што рече министерот во образложението, се базира на три основни постулати а тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскито дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок.
Според него главениот приоритет на буџетот е поддршка на приватниот сектор, бидејќи како што рече е клучен за економскиот развој на земјата и е единствен кој може да креира нова вредност.
Расправата по Предлог - буџетот за 2017 година во Комисијата според Деловникот треба да заврши за 10 дена од денот на нејзиниот почеток.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа