Тесно во „широкиот фронт“ на СДСМ - за десничарите нема место

Наместо широк опозициски фронт, извесно е опозицијата на следните избори да „напаѓа“ од повеќе страни.

Наместо поброен, опозицискиот блок на претстојните избори извесно е дека ќе излезе со помал број на коалициони партнери во споредба со изборното соочување во 2014та.
На вчерашниот Конгрес, најголемата опозициска партија излезе со јасна порака, дека за партиите кои за себе тврдат дека пропагираат десничарска идеологија, нема место под чадорот на Бихаќка.
Оттука, извесно е дека извисува партијата на Љубе Бошковски, а спуштена рампа ќе добие и Стојанче Ангелов, кој и претходно беше дистанциран од Бихаќка.
И новите играчи на политичката сцена очигледно беа само за една употреба. Јове Кекеновски кој се надеваше дека со нападите врз ВМРО-ДПМНЕ можеби ќе заработи место на опозициските листи, оставен е сам да ја бие изборната битка. Ќе му помага партијата на Павле Трајанов и извесна МРО Работничка партија. И Трајанов кој ја напушти владејчката коалиија со стартот на политичката криза, се соочува со можноста да и стави крај на пратеничката кариера, бидејќи речи си извесно е дека пратеничко место во новиот состав за него нема да има.
Никој од овие политички субјекти се нема измерено колку тежи на политичката сцена, а ако се имаат предвид анкетите, бројки не одат во прилог на „третиот блок“.
Сепак, Кекеновски е оптимист.

 

„Искуството од други изборни циклуси не поучува дека избирачите не даваат глас за десна партија која е во коалиција со СДСМ. Второ, според наша проценка, од 80.000 до 120.000 изнесува бројката на старото, автентично гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ, кое е апсолутно незадоволно од тоа партиско раководство. Ние им нудиме алтернатива, а очекуваме во десниот фронт да се приклучат и ВМРО- НП на Љубчо Георгиевски, 'Обединети за Македонија' на Љубе Бошкоски и 'Достоинство' на Стојанче Ангелов. Tрето, има околу 40 отсто неопределени, што е голем процент и сметаме на успех во нивно привлекување“, вели Кекеновски за Дојче Веле.

Во средина е и партијата Левица, која СДСМ и тоа како ја користеше за време на нансилните протести. Неформалниот лидер на партијата вели дека се уште немаат одлучено како ќе настапат на изборите, иако во СДСМ не покажуваат некоја голема заинтересираност.

„Левица исто така кажа дека ако успеат старите опозициски партии да се обединат во широк антирежимски фронт, ние ќе ја преиспитаме нашата одлука за самостојно учество на изборите. Доста врати се затворени веќе од страна на другите за Левица да се приклучи кон коалицијата на СДСМ, но конечната одлука ќе ја донесеме наскоро на состанок на Централниот комитет на Левица“, изјави Савески за Радио Слободна Европа.

Она што е речи си извесно е дека дел од луѓето од Шарената Револуција ќе добијат места на листите на СДСМ, иако од оваа организација велат дека како движење не планираат да учествуваат на изборите.

„Како организација или движење, Шарена револуција нема да влезе на избирачките листи како што влегуваат партиите. Одредени индивидуи од граѓанскиот сектор, ако се најдат на тие листи, тоа е друга работа и тоа не значи дека Шарена револуција како организација влегува со СДСМ, ЛДП итн“, вели Богоевски за РСЕ.

Тешко оди обединувањето и во албанскиот политички блок. Со ДУИ и ДПА никој воопшто не разговара за предизборна коалиција, а новите албански политички партии се уште немаат никаков договор.

 
 
03.10.2016 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега