Предметите против СЈО блокирани - Јанева не ги дава документите на ОЈО
Постапките против обвинители и истражители во специјалното јавно обвинителство за кривичното дело малтретирање во вршење на службата, процесирани на почетокот на февруари во Обвинителството за организиран криминал и корупција, во моментот се блокирани, пишува ДНЕВНИК.
Нема развој на истражувачката постапка оти СЈО не ги доставило бараните документи неопходни за постапките да продолжат.
Од Обвинителството велат постапките се закочени поради игнорантскиот однос од страна на тимот колеги предводени од Kатица Јанева.
– Уште кога стигнаа пријавите на почетокот на февруари, по нивната обработката, доставивме писмено барање до СЈО за да ни биде дадена потребната документација за да можеме да продолжиме со работа. На ова барање немаме одговор. Потоа испративме уште една ургенција затоа што документите ни се неопходни, но од тогаш досега нема никаков одговор од СЈО – велат од Јавното обвинителство.
За потсетување, станува збор за неколку кривични пријави за малтретирање во вршење на службата поради изнуда на невистинити изјави во врска со предмети што ги водел тимот на Јанева – дело за кое во Kривичниот законик е предвидена казна затвор од една до пет години. Една е против вработен од МВР, кој се товари дека им се заканувал на сведоци и нудел поткуп за лажен исказ. Од нив три кривични пријави се против конкретни обвинители што работат во тимот на специјалната обвинителка, а останатите се за лица што се претставувале како истражители во СЈО.
Покрај кривичните пријави, во истиот период обвинителка од СЈО заработи и претставка од судија во Управен суд кој се пожали дека сред кафеана бил испрашуван и од него била изнудувана изјава за одредена пресуда донесена од Управниот суд пред неколку години. Тогаш Советот на јавните обвинители констатира дека се работи за незаконско однесување, но укажа дека дисциплинската постапка треба да ја води Јанева како претпоставена.
По девет месеци од тие кривични пријави, во скопското Обвинителство деновиве се процесирани уште две кривични пријави поднесени од МВР, против истражител на СЈО и ангажиран детектив, незаконско, како што велат, следење и снимање лице осомничено во нивен предмет. Ова беше и главниот мотив што колегите на Јанева од Јавното обвинителство мината недела ја критикуваа преку отворено писмо, во кое, освен за споменатите, реагираа и за незаконското апсење на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.
– Ве прашуваме кој правен стандард е незаконското лишување од слобода на лице за кое вие јавно признавте дека било незаконско, но само еден и пол час? Малку незаконско дејствување, еден и пол час. Kажете ни кој временски период на незаконско дејствување не се смета незаконско? Ве прашуваме според кои стандарди и закони вие давате наредба на ваш истражител да следи и снима лице осомничено во ваш предмет? Дали имавте за тоа судска наредба за посебна истражна мерка? Дали Вие и Вашите „повисоки стандарди“ всушност во правниот промет вметнуваат и правна несигурност. Би сакале да знаеме бидејќи за нас е незамисливо да се следи и снима објект или лице што е осомничено од страна на кој било без постоење изречна судска наредба. Уште повеќе, дали со усна наредба од Ваша страна беше испратен и приватниот детектив кој исто така вршеше следење и снимање осомничено лице во Ваш предмет? – ~ пишаа од скопското Обвинителство на Јанева.
Но, по писмото настана молк. Немаше реакција ниту од Советот на јавните обвинители, од каде што вчера не беа достапни за коментар.
Што може ЈОРМ да преземе во врска со незаконското – како што го квалификува – работење на Јанева? Оттаму само кусо ни одговорија:
– Во моментот се постапува по кривичните пријави во врска со истражителот и приватниот детектив и поради обемноста на материјалите и фазата на постапката, само толку можеме да ви кажеме – ни рекоа од Јавното обвинителство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа