Аналитичарите согласни: Барањето на Груевски за 63 пратеници е разбирливо, во прашање е судбината на нашите деца

 

СДСМ и ДУИ во натпревар за албанските гласови ветуваат се и сешто на голема штета на Република Македонија. Заев и Ахмети сакаат двојазичност и редефинирање на државата, на што македонската јавност реагира и порачува дека такво нешто нема да дозволи.

Но, овие двајца партиски лидери се во жестока битка за додворување кај Албанците и за таа битка се спремни да го погазат и македонскиот национален идентитет, а и да работат против македонскиот народ.

Она што Ахмети го нуди пред своите гласачи, според експертите, Заев уште одамна го даде како своја понуда. Ахмети испорача ултиматум за редефинирање на Македонија и инсталација на двојазичност на целата територија, што коинцидира со понудата на Заев кој не крие дека готви редефинирање на Македонија а доколку СДСМ дојде на власт, Албански ќе се зборува во секое место во Македонија.

Политичкиот аналитичар Александар Даштевски, во изјава за КУРИР, вели дека е премногу очигледна сличноста во ветувањата кои на албанските гласачи им ги даваат Заев и Ахмети.

Тој истакнува дека ветувањата за двојазичност кои ги дава Заев, ги подгреваат меѓуетничките страсти.

-Постои сличност во нивните ветувања, но сметам дека таа сличност повеќе му придонесува на Али Ахмети отколку на Зоран Заев. Ветувајќи двојазичност низ цела Македонија, тие само ги подгреваат меѓуетничките страсти и ги поттикнуваат истите да се радикализираат што не беше случај додека не ги покренаа тие прашања од страна на опозицијата, вели Даштевски.

Експертите велат дека во борба за албански гласови, Заев се бори со Ахмети да докаже кој од нив е поголем Албанец.

-За жал има една коинциденција меѓу интересите на нашата опозиција која воопшто не води сметка за некакви национални, државни долгорочни интереси на овој народ и албанскиот фактор кој веќе знаеме како делува и од каде потекнува од 2001-ва година, вели Ристо Никовски за Сител.

Никовски додава дека Македонците имаат начин да ги пресретнат апетитите на ДУИ засилени од, како што вели, антимакедонските понуди на Заев, за да спречат ситуација во која би биле  гости во сопствената држава. Според него, овие избори се клучни и затоа е сосема разбирливо барањето на Груевски за 63 пратеници.

-Тоа е клучно. Нас ни треба стабилна Влада која ќе води сметка за интересите на овој народ, на оваа држава затоа што сите други политики ќе водат во една конфронтација и тоа поширока, балканска. Овие избори  ќе бидат испит за секој граѓанин. Секој треба да излезе на изборите затоа што е во прашање судбината лична и на неговите деца и семејството и ако дозволиме победата на сегашната власт да биде пирова и недоволна за да може сериозно и одлучно да се владее, државата ќе назадува, додава тој за Сител.

Ахмети промовираше пет заклетви како дел од својот план, а дел од нив Заев веќе ги антиципираше и им ги нудеше на Албанците во замена за нивните гласови.

Ахмети: Македонците ќе бидат малцинство – Или целосна еднаквост или нема Влада 

Во говорот на Ахмети не изостанаа радикалните пораки зборувајќи за однесувањето кон Албанците во Македонија.

– Ќе дојде време кога Албанците ќе се борат против некоја неправда што му е направена на Македонец, кога Македонците ќе бидат малцинство. Убеден сум дека тоа време ќе дојде,  рече лидерот на ДУИ.

Тој испрати порака дека нема да прифатат ништо помалку од целосна еднаквост, консензуално одлучување, албански јазик да биде официјален во целата држава…

Уште пред Ахмети овие најави, македонската јавност ги слушна од Зоран Заев. Тој рече дека ќе ја направи двојазична цела Македонија, договара и преговара за федерализација на земјата, а огромен број пати докажа дека македонските национални интереси се нешто за што тој е подготвен да се пазари.

Само ДУИ и СДСМ сакаат двојазична Македонија

Јавноста се крена на нозе по најавите на Зоран Заев дека секој град во Македонија ќе биде двојазичен. Албанскиот јазик, Заев сака да го прогласи за официјален на цела територија. Ваквите најави започна да ги спроведува и сам, поставувајќи табли испишани на албански јазик во партиските седишта на СДСМ во скопски населби. Двојазична Македонија е интересот и на Али Ахмети, кој тоа јавно го бара и најавува. Но, граѓаните на Република Македонија јасно и гласно порачуваат дека нема да го дозволат тоа.

Заев ќе ја редефинира Македонија, Ахмети бара консензус за СЕ

Ахмети со изборната платформа всушност на мала врата најави проширување и надградба на Рамковниот договор, односно преку проширувањето на консензуалното одлучување и издигнувањето на албанскиот како втор службен јазик во цела Македонија лидерот на ДУИ бара промена на системот. Во спротивно, од ДУИ го повторија ставот даден за „Дневник“ во пресрет на изборите што требаше да се одржат на 5 јуни дека и да победат на изборите, нема да бидат дел од Владата доколку за победничката македонска партија е неприфатлива нивната платформа. Ахмети сака бинационална држава, а од македонскиот блок ги дели интересите и плановите со Зоран Заев кој го најави токму ова велејќи дека е време за редефинирање на Македонија.

Траен мандат на СЈО, Јанева да им води кампањи

Али Ахмети испрати порака дека специјалното јавно обвинителство треба да има траен мандат и СДСМ да не ги чепка гласовите на Албанците бидејќи ништо не сторил кога на Албанците им било најтешко. Да може Јанева со неограничен мандат да работи е најголема желба и на Зоран Заев. Нејзините настапи повеќе наликуваат на партиски прес-конференции од Бихаќка, па таа им ја води кампањата на СДСМ, во нивен недостаток на програма. СЈО е главен сојузник на СДСМ. Траен мандат на СЈО и воведување на паралелни институции значи уривање на државата. Тоа на граѓаните им е сосема јасно, а јасно е дека Заев и Ахмети се единствените политичари кои се залагаат за ова. 

Ахмети сака веднаш во НАТО, а Заев да ја свиткаме кичмата 

Партискиот портпарол Бујар Османи за Дневник вели дека ДУИ не сака да биде само победник, туку и одлучувачки фактор.

-Мандатот на ДУИ по изборите ќе биде мандат на заокружување на процесите почнати во 2002 година. Таа мисија има пет трајни цели или пет заклетви од кои нема да отстапиме. Економски развој и економска рамноправност на Албанците, заокружување на прашањето за јазикот, односно албанскиот да биде втор официјален јазик во цела Македонија, како што предвидува Уставот, консензуално одлучување во Собранието и Владата при изборот на претседател на државата, при одлуките за надворешни, внатрешни и регионалните политики и за сите битни прашања во општеството. Четвртата заклетва или точка од која не отстапуваме е владеење на правото, односно СЈО да има мандат до влегувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ и целосна имплементација на препораките од извештајот на Прибе. Петтата точка е веднаш во НАТО,  вели Османи.

Спорот со Грција за нашето уставно име е нашата единствена пречка за влез во НАТО, како и во ЕУ. Заев за ова уште пред неколку години си го кажа својот став- да ја свиткаме кичмата!

 
 
02.11.2016 - 13:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега