Мирчевски до Бабановски: Помина времето кога се плашевме од удбашките закани
Една недела по објавувањето на текстот во неделникот „Република“ со наслов „Мрачни ликови за мрачни сценарија“, во кој се анализира ударната тупаница во црната кампања на СДСМ составена од поранешни припадници на тајната полиција и шефови на УДБА и притоа се потсетува на нивните удбашки методи при справување со неистомислениците, се појави еден од споменатите, поранешниот удбаш Иван Бабановски, за да го потврди секој напишан збор од колумната на Никола Србов, пишува Република.
Некогашниот шеф на Третиот оддел на Службата за државна безбедност (поранешна УДБА), одговорен за уништувањето на многу човечки судбини во 80-тите и во 90-тите години на минатиот век, минатата недела се обиде повторно да ги употреби удбашките вештини вршејќи упад во редакцијата на „Република“ за да испрати закана за ликвидација до нашиот колумнист Никола Србов. Очигледно, овој мрачен лик од уште помрачното македонско минато сѐ уште мисли дека живее во времето во кое заканите, ликвидациите и изживувањата со неистомислениците беа негово секојдневие.
За потсетување, Бабановски придружуван од уште еден човек, во средата попладне упадна во просториите на „Република“ и испрати закани по животот на Србов со зборовите: „По изборите на 12 декември, кажете му на Србов дека ќе заврши на Дрисла“.
Бабановски, инаку лустриран како поранешен функционер на тајните служби, веројатно реагира на насловниот текст на 218. број на неделникот „Република“, со наслов „Мрачни ликови за мрачни сценарија“.
Во однос на овој очигледно добро испланиран инцидент, како главен и одговорен уредник на неделникот „Република“ сакам да го известам дотичниот господин дека случајот е пријавен во полициската станица „Центар“, каде што е регистриран, а известени се и сите релевантни новинарски организации и претставници на дипломатскиот кор во Македонија.
Во исто време, од мое лично име и во име на неделникот „Република“, сакам да му го порачам следново:
Господине Бабановски,
Помина времето во кое вие и вашите соработници го плашевте, мачевте и ликвидиравте секој неистомисленик, противник на тогашниот систем, активист за слободна и независна Македонија. Помина времето во кое мрачните ликови како вас ги реализираа ваквите мрачни сценарија и се извлекуваа од одговорност. За разлика од тогаш, кога благодарение на службата сте имале моќ да си поигрувате со човечки животи и судбини, денес бидете уверен дека не можете да се повикате ниту на моќта на Заев ниту на моќта на чадорот за да ги правите истите злодела. Едноставно, ниту некој ви се плаши ниту некој може да ве спаси! Нека не ве залажува никој од ова политичко-криминално друштво дека на 12 декември ќе се случи нешто што ќе ви даде можност и сила да го испратите Србов или кој било друг во „Дрисла“. Напротив, на 12 декември ти и твојата банда ќе завршите на буништето од историјата, заедно со сето ваше ѓубре што го создадовте во изминатиот период. Да не те лаже ѓаволот ниту сега, ниту на 12 декември, повторно да се приближиш до нашата редакција. Сепак, ако моите зборови не можат да те премислат, те советувам следната порака до Србов или до кој било новинар или соработник на „Република“ да не ја испраќаш на таков кукавички начин преку колешки. Те охрабрувам да бидеш маж и да ме побараш мене како уредник или некој друг одговорен во медиумот за директно да ни ја пренесеш заканата. Те уверувам дека ќе бидеш соодветно пречекан и уште посоодветно испратен.
Како Србов го вознемири Бабановски?
Во колумната од минатиот број со наслов „Мрачни ликови за мрачни сценарија“ нашиот колумнист Никола Србов анализира дека сегашната ударна тупаница на СДСМ е составена од стари кадри од Службата за државна безбедност и поранешни шефови на ДБК. Србов потсетува дека „овие кадри во претходниот систем и во деведесеттите години на минатиот век беа носители на идејата за уништување на сè што значи ВМРО, а денес се последен бедем на СДСМ за одбрана на оваа седумдецениска мисија“.
Тој воедно нагласува дека „во македонската левица, која има полна уста „демократија“, 90 проценти од луѓето што ја водат кампањата на СДСМ се лустрирани“.
Во делот од колумната посветен на Бабановски, Србов пишува:
„Иван Бабамовски, кој веќе две години активно учествува во создавањето на кризата во македонското општество, својата кариера како оперативец на УДБ ја почнува со обработка на илегални групи во СР Македонија, кои носеле предзнак ВМРО, па така, една од жртвите на Бабамовски е Борислав Градишки, предводникот на организацијата „Бунт“. Доколку мислите дека обработка на илегални групи била „логична“ за тој период и дека преку неа се чувал интегритетот на Федерацијата, можеби ќе ве разубеди фактот дека во богатата кариера на Иван Бабамовски како жртви ги наоѓаме и Анте Поповски и Гане Тодоровски, кои Бабамовски ги обработувал преку „Славјан“ – Славко Јаневски. Бабамовски бил активно вклучен и во обработката на македонскиот дисидент Драган Богдановски, кој ја предводел ДООМ, а подоцна се јавува како еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа