Груевски: Направивме многу за Ресен, ќе продолжиме да се грижиме и понатаму

 

-Го реконструиравме патниот правец од Макази до граница со Грција, инвестиција вредна 292 милиони денари. Ја промовиравме странската инвестиција од Дубаи „Ејпл Ленд“ вредна 5 милиони евра, која ќе има и втора фаза, и нова инвестиција и нови вработувања. Изграден е откупно дистрибутивен центар за јаболка во индустриската зона Макази со капацитет од 5 илјади тони. Изградивме и уредивме две прекрасни плажи на Преспанското езеро и тоа плажата Стење во должина од 500 метри, плажата Сливница од 100 метри, инвестиција вредна 77 милиони денари. Се грижиме за развој на туризмот овдека во Преспа кој што беше заборавен во минатото од СДСМ. Инвестиравме над 90 милиони денари во реконструкција на локални патишта и тоа патот за Езерани, патот за Долна Бела црква, патот за Стење, патот за Лавци, патот за Подмочани, патот Грнчари, Манастир Свети Илија, патот за Грнчари, патот за Крани, патот до Лева река, патот за црква Јанкоец, потегот од регионалниот пат преку Љубојно до Брајчино, пристапен пат до откупно дистрибутивниот центар за јаболка Макази, рече Никола Груевски во своето обраќање пред ресенчани.

nikola5

Тој посочи дека во Ресен и Преспа само во периодот од 2010 до 2016, доделени се субвенции за различни гранки на земјоделието во вкупна вредност од над 578 милиони денари, од кои околу 500 милиони денари беа за производителите на јаболка.

-Продолжуваме да се грижиме за земјоделците и понатаму. Се изгради канализациски систем во населените места Наколец, Долна бела црква, и Горна бела црква. Изградена е спортска сала во средното училиште Цар Самоил во вредност од 22,5 милиони денари. Извршивме санација и реконструкција на пет училишни објекти во општина Ресен, за што се инвестираа 8,6 милиони денари. Ја реконструиравме, обновивме, спомен куќата на Татарчеви во Ресен, се уредија плоштадите во Царев двор и Подмочани, се реконструираше центарот за социјални работи, се изградија едно фудбалско игралиште, едно повеќе наменско игралиште и многу други работи. Но она што е најважно Ресен не е заборавен во новата програма. Напротив, ќе се доврши започнатата градба односно целосна реконструкција на регионалниот пат Битола Ресен Буково, во кои се инвестираа без малку 6 милиони евра. Ветуваме довршување на изградбата на пешачката патека околу преспанското езеро во должина од 5,5 километри, инвестиција вредна 50 милиони денари. Предвидуваме изградба и уредување на уште 1400 метри модерни и современи плажи. И тоа 100 метри од втора фаза во Сливница, 200 метри во Коњско, 500 метри во Крани, 100 метри во Отешево, и 500 метри во Претор. За туризмот на Преспанското езеро уште повеќе да се развива. Видовме дека може, со изградените две плажи, видовме  како се раздвижија работите во тој дел, ќе ги раздвижиме и во другите делови, чекор по чекор. Во рамките на проектот за гасификација на Македонија, до предвидениот почеток со изградба на магистралниот гасовод Битола Ресен охрид Струга предвидено е гасоводот да поминува и низ Ресен и да биде искористен и тука. Во Ресен планираме изградба и опремување на нова детска градинка како и изградба и опремување на нов блок во состав на детската градинка 11 Септември. За јавните здравствени установи во Ресен предвидуваме набавка на 33 нови најсовремени медицински апарати во вредност од над 150 илјади евра. Ветуваме довршување на реконструкцијата на водоснабдителниот систем во Ресен, инвестиција вредна околу 370 илјади евра, како и изградба на нова фекална канализација во населеното место Дрмени во вредност од 20 милиони денари. Во новата програма превидуваме и изградба на една училишна спортска сала во општина Ресен  и изградба на две кошаркарски игралишта и многу други предвидени проекти, заклучи Никола Груевски на митингот во Ресен.

 

 
 
22.11.2016 - 19:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега