Се чека исходот од приговорите: Брисел го потврдува ставот на Могерини, Хан и ОБСЕ за изборите

 
Европската комисија не сака да одговори дали е во духот на демократијата и политичкиот натпревар да не се признава пораз на мирни и фер избори во Македонија, што е констатација и на меѓународните набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР, јави дописникот на МИА од Брисел.
 
Сепак, од официјален Брисел за МИА се повикуваат на заедничката задсиноќешна изјава на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
 
- Комисијата целосно ја поддржува прелиминарната оценка на ОДИХР на изборите и нивното спроведување. Таму се истакнуваат прелиминарните резултати, но да го почекаме исходот од процесите на приговори и жалби, истакна портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич, во изјава за МИА.
 
Инаку, во нивното завчерашно заедничко соопштение за изборите во Македонија, Могерини и Хан потенцираа дека „неделните предвремени парламентарни избори во БЈР Македонија минаа на мирен и уреден начин, со добар одѕив на гласачите“. Тие констатираа дека вонредните парламентарни избори се клучен елемент на договорот од Пржино од 2015 година и дека истите „и нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски, конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евро-атланските интеграции“.
 
Високата претставничка на Унијата и еврокомесарот, исто така побараа политичките партии во Македонија „да дејствуваат на еден инклузивен начин, што вклучува активна парламентарната опозиција и динамично граѓанско општество“.
 
- Со нетрпение очекуваме брзо формирање на новиот парламент и на новата влада и спроведување реформи за решавање на системското владеењето на правото, а исто така и на итните реформски приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со спроведување на претходните политички договори во целост, вклучувајќи поддршка на работата на канцеларијата на специјалното обвинителство, посочија Могерини и Хан.
 
Како што е познато, македонската Државна изборна комисија излезе со официјални прелиминирани резултати на изборите, на кои според ДИК, победник е владејачката ВМРО-ДПМНЕ со 51 освоен мандат во идниот состав на македонското Собрание. По партијата на Никола Груевски следат СДСМ со 49 мандати, па ДУИ со десет, БЕСА со пет, Алијансата на Албанците со три и ДПА со два пратенички мандати.
 
Сепак, по жалби на две од горенаведените партии, денеска ДИК ќе одлучува дали ќе има поништување на гласањето на две од гласачките места во изборните единици шест и пет и дали тоа ќе може да влијае на конечниот исход од гласањето. 
 
 
15.12.2016 - 09:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега