Курц: Одлуките по изборите треба да ги донесат партиите
Австрискиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Себастијан Курц, кој вчера беше во посета на Македонија и се сретна созаедно со неговиот домаќин, вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, се осврна и на политичката криза.
Во однос на тоа дали на Македонија и треба помош однадвор за решавање на политичката криза, Попоски изјави дека најголемата помош би била граѓаните да одлучат како ќе се носат одлуките.
- Најголемата помош што може да ни се даде е во услови на успешно демократски спроведени избори за кои сите имаме ист став дека се кристално чисти да се остави вољата на граѓаните преточена преку мандатите во Парламентот да одлучи за тоа како во иднина ќе ги носиме одлуките. Ова ќе биде најправилно и ќе биде единственото решение кое го должиме и на граѓаните на Република Македонија кои масовно излегоа на изборите. Понатаму треба да се одлучи во овој парламентарен состав од 120 пратеници по кој пат ќе одиме, рече Попоски.
Ставот на Курц по ова прашање е дека партиите во Македонија треба да ги донесат одлуките по изборите.
- Имаше политичка криза пред изборите, бидејќи не беше можно да се одржат избори. Јас лично мислам дека не треба да се зборува за тоа што не фукционира туку да се зборува и за нешто добро. Може да кажам дека сум многу задоволен што се одржаа изборите што беа слободни, фер и демократски и дека сите партии го признаа резултатот од овие избори и за мене така функционира една демократија. Сега во моментов партиите треба да ги донесат одлуките што треба да се донесат по изборите. Нашата цел како Австрија е ние во Македонија и натаму да имаме силен партнер, посакуваме стабилност во оваа земја и се надеваме дека реформите и европскиот курс и натаму ќе продолжат, истакна тој.
Македонскиот министер за надворешни работи Попоски запрашан дали е можен повторен конликт во земјите од Западен Балкан, кажа дека имало поприличен труд за „долевање масло на огнот“ во минатиот период од многу страни. - Покажавме едно ниво на зрелост, што би рекол не својствено за регионот, да не се навлекуваме сите на дневните изјави на политичари кои го прават тоа за поени во сопствената земја. Мислам дека тоа е патот напред, рече Попоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа