Груевски за ХРТ: Има два начини да заврши кризата, Заев да прифати предвремени избори или понудата на ВМРО-ДПМНЕ

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски имаше интервју за Хрватската Радио Телевизија.

Господине Груевски како ја коментирате актуелната политичка ситуација во Македонија, дали е тоа државен удар?

-Па на некој начин државен удар е кога после изборите ќе се донесе платформа во друга држава, а ќе се однесува на вашата држава, во случајот на нашата држава, Република Македонија. Кога таа платформа не е изнесена пред граѓаните на избори и кога граѓаните не се согласуваат, кога таа платформа е спротивна на Уставот на државата и кога политичарот кој што ја прифаќа таа платформа е уценет. Граѓаните не гласаа за таа платформа, тие не знаеја за таа платформа само месец или два пред изборите дека Зоран Заев ќе прифати таква платформа, и со таа платформа мнозинството Македонци ќе се однесат во опозиција со цел малцинството Македонци и мнозинството Албанци во Македонија да ја донесат таа платформа. Така гледано може да се каже дека е еден вид на државен удар.

Зошто за вас е спорна т.н. албанска платформа, нели вие потпишавте нешто слично во 2008 година?

-Не, воопшто не. Тоа е многу различно. Ова што сега се прави е спротивно на Уставот на Македонија. Се оди кон бинационална држава, се занемаруваат другите етнички заедници во Македонија, како што се Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, Хрватите зошто да не? Така што сите се ставаат во една споредна позиција, а се фаворизира само една, се фаворизира албанската етничка заедница, а тоа се прави неуставно, тоа се прави без да се најави на изборите, со платформа потпишана во друга држава под покровителство на друг премиер, на премиерот Еди Рама, што вчера беше потврдено и од една од партиите која учествуваа таму, партијата БЕСА, која јавно кажа дека целата идеја и целото пишување на платформата било под покровителство на државата, Република Албанија.

Колку всушност за вас е проблем Специјалното Јавно Обвинителство во моментот, кое ќе работи на криминалите од аферата со прислушувањето. Многу кажуваат дека вие сте против тоа, затоа што ви е страв од апсење.

-Тоа нема врска со ова што се случува сега, и тоа е еден од изговорите на СДСМ како да му објасни на народот зошто ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа ова. ВМРО-ДПМНЕ му понуди друга алтернатива на СДСМ, а тоа е своите 51 пратеник да ги даде на СДСМ и заедно со нивните 49 да има 100 пратеници со кои што ќе формира влада. Ако сакаат премиер нека Зоран Заев, но да се откажат од платформата направена во Тирана.

Се зборува дека Претседателот Ѓорѓе Иванов пробуда го остави ВМРО-ДПМНЕ на власт со помош на политичката криза.

-Најдобро за тоа ќе си даде објаснување, господинот Иванов, но она што сакам да го кажам е дека само народот е тој што една партија може да ја донесе и да ја одржи на власт. ВМРО-ДПМНЕ се потпира на граѓаните, се потпира на народот, на својата платформа и она што го понуди на изборите на народот.

Кој стои зад Зоран Заев? Овој настап е прилично самоуверен и морам да Ве прашам дали ја разбравте пораката која ви ја пренесе Могерини?

-Ако народот стои зад него тој ќе прифати да одиме на предвремени избори заедно со локалните избори во месец мај оваа година, па нека излезе со таа платформа пред народот и да покаже дека народот стои зад таа. Доколку излезе со таква платформа на локалните избори заедно со парламентарни и народот тоа го прифати ние тогаш не би имале ништо против. Инаку она што го кажа госпоѓата Могерини го разбравме исто како што го разбираме и тоа што го кажуваат стотици илјади граѓани на Македонија секој ден.

За крај, како ќе се реши оваа политичка криза. Секако, сите стравуваат од она најлошото. Компромис засега нема, но дали е можен?

 

-Постојат два начина да се реши кризата кои ние јавно ги понудивме- едно е да има предвремени избори во месец мај заедно со локалните на кои Заев ќе излезе со оваа платформа, а вториот начин е Заев да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, да се откаже од платформата, а да добие малцинска влада со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

06.03.2017 - 10:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега