Локалните избори може да се одржат на 14 мај

 

Одржувањето на локалните избори повторно ќе стане предмет на политички договор, за која засега се уште нема ниту најава дека ќе се случи наскоро. Последниот законски термин за распишување на изборите беше пробиен вчера, но сега според неофицијалните информации во игра влегува опцијата за кратење на роковите на 45 дена, но за такво нешто е потребен Парламент и избор на Претседател на Собранието. Вакво решение сепак било предмет на разгледување кај дел од партиите, кои сметаат дека изборите за локалната власт треба да се одржат во првата половина на мај.

За такво сценарио остануваат дваесетина дена, но најверојатно во него ќе мора да се бара и решение на целата политичка криза.

Сепак за распишување на какви било избори потребен е функционален парламент со нов претседател на Собранието, место кое пак е директно поврзано со парламентарното мнозинство. Дел од медиумите повикувајќи се партиски извори, објавуваат дека се разгледувала опцијата парламентарно мнозинство во следните дваесетина дена да избере барем претседател на Собранието, но потврда за ова од партиите нема.

Дневниот весник Дневник, денеска пишува дека во ДУИ постои дилема, дали воопшто да се гласа влада без добиен мандат од Претседателот Иванов и дали таква влада би поминала пред Уставен суд. За нив најзначајно е сите чекори кои ќе бидат повлечени да бидат во согласност со Уставот  и законите, во рамки на демократските процеси.

Друга причина поради која засега не се оди на опцијата избор на влада по секоја цена се и масовните протести кои веќе една недела се случуваат во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека за нив најсоодветно решение на целата ситуација е распишување на нови парламентарни избори заедно со локалните. Тоа според партијата на Груевски, е практично решение, но од друга страна и можност граѓаните да се изјаснат за платформата на албанските партии, поради која Македонија влезе во уште подлабока криза.

СДСМ пак по вчерашната средба со амбасадорите на Германија, Британија, Шведска и Холандија, повторно побара Иванов да го додели мандатот за состав на владата од парламентарното мнозинство на СДСМ и трите албански партии. 

За социјалдемократите почетокот на излез од кризата е состав на новата влада.

 

 

 

 

 

08.03.2017 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега