Дневник: СДСМ и ДУИ влегуваат во Собранието за да формираат Влада без мандатот на Иванов

 

Се очекува СДСМ викендов или во почетокот на идната недела да побара претседателот на Собранието во оставка, Трајко Вељановски, да закаже продолжување на конститутивната седница за избор на нов претседател на парламентот, пишува Дневник

 Од партијата на Зоран Заев, иако не прецизираат кога, за „Дневник“ потврдија дека ќе побараат собраниска седница, особено откако членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров во телевизиска емисија потврди дека неговата партија нема да ги спречи СДСМ и ДУИ да влезат во Собранието и да ја довршат конститутивната седница.

И додека изборот на претседател на Собранието е речиси извесно, и натаму виси изборот на новата влада и стратегијата меѓу СДСМ и ДУИ со која опција да се дејствува, доколку претседателот на државата Ѓорге Иванов остане на одлуката да не му го даде мандатот на Заев.

Тодоров рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да блокира, ни во Собранието ни надвор од него, доколку СДСМ и ДУИ побараат седница на парламентот и избор на претседател на Собранието и додаде дека Вељановски не свикал продолжение на конститутивната седница, бидејќи тоа досега никој не го побарал од него.

 - ВМРО-ДПМНЕ нема да преземе ниту еден чекор што е во правец на уништување на институциите, во правец на креирање немири или во правец на предизвикување тензии, кои што можат да завршат со, не дај боже, повредени - изјави Тодоров.

Висок функционер на СДСМ ни потврди дека од Вељановски ќе побараат да закаже продолжување на првата седница.

- Веројатно ќе побараме, ако претходно договориме претседател на Собранието. Немаме договор за претседател се уште. Верувам дека ќе можеме да се договориме - вели висок функционер на СДСМ.

 Наспроти тврдењето на социјалдемократите дека собранискиот спикер допрва ќе биде тема за договор меѓу СДСМ и ДУИ, лидерот на интегративците Али Ахмети во интервју за агенцијата Ројтерс лично потврди дека согласно договорот со СДСМ, претседателот на Собранието ќе биде Албанец, првпат по добивањето независност на државата, и оти албанскиот јазик ќе се користи во државните институции и ќе биде на банкнотите.

- Во парламентот на Република Македонија, ако јас сум претседател, ќе зборувам на албански. Треба парламентарната седница да ја водам на албански јазик. И во говорна и во пишана форма, албанскиот треба да се користи во сите државни институции. Тоа значи официјална употреба на албанскиот јазик. Во овој момент албанскиот јазик се користи само на локално ниво - вели Ахмети.

 Kако што веќе објавивме, потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта, навести дека собранискиот претседател, кој е и заменик на врховниот командант на Републиката, ќе биде Албанец. За ова потврда стаса и од шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, за албанска телевизија. Неофицијално за нов претседател на Собранието се споменува поранешниот министер за одбрана и пратеник Талат Џафери.

И додека деновиве се очекува конечно новото парламентарно мнозинство да го избере новиот претседател на парламентот, СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците се уште тактизираат со изборот на новата влада во очекување, сепак, Иванов да се премисли и да му го даде мандатот на Заев. Од извори од парламентарното мнозинство дознаваме дека на средбите на работните групи на СДСМ и ДУИ и меѓу партиските лидери Ахмети и Заев на маса се разгледувале неколку варијанти за избор на влада во случај Иванов да не го даде мандатот.

 

Една од опциите е новото парламентарно мнозинство да побара гласање доверба на техничката влада на Емил Димитриев. По изгласаната недоверба да се пристапи кон избор на новата влада. Оваа опција изгледа несериозно од уставен аспект, бидејќи Владата на Димитриев е во оставка од оној момент од кога се распишани изборите, па ова веројатно би бил прв случај во историјата на правните системи да се изгласува недоверба на влада во оставка.
Втората опција е министрите на ДУИ од техничката влада да поднесат оставки, но и таа опција е врзана со првата: тие се во оставка како и целата влада, а тоа што можат да го направат е да не доаѓаат на работа. Сепак, неизвесно е дали Заев и Ахмети ќе се решат за една од опциите, бидејќи не сакаат да предизвикаат дополнителни тензии.

Официјално од партиите негираат дека тие сценарија се во игра. И СДСМ и ДУИ остануваат на позицијата дека ќе чекаат Иванов да ја преиначи одлуката и да му го даде мандатот на Заев за да не се остави простор за оспорување на изборот на новата влада. Дека се уште меѓу СДСМ и ДУИ нема договор како да постапат, потврда е изјавата на Ахмети дека Уставот не е јасен што ќе се случува доколку претседателот одбие да го даде мандатот, ниту постои рок за формирање на владата. Лидерот на ДУИ предупреди дека политичката криза може да се влечка со години и оти некои политичари ја користат за да предизвикаат меѓуетнички конфликт

 

 

 

10.03.2017 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега