Оперскиот пејач Велков ја осуди изјавата на Костовски

Познатиот македонски оперски пејач Ристе Велков како правнук кој има потекло од како што вели, беломорскиот крај, а не Егејскиот, неговиот чукундедо е од Гименџа, а прабаба е од Кукуш, ја осудува изјавата на екс скопскиот градоначалник Трифун Костовски и смета дека истиот треба да се извини.

-Не би ги коментирал изјавите затоа што мислам дека тоа е перфидно и навредливо и сметам дека никој не смее, особено не Македонец да си дозволи такво нешто, дури е и безобразно од страна на господинот Костовски кој беше и градоначалник. Тоа е за осудување. Сите ликови кои го мислат истото и се дел од таа агенда, мислам дека треба да се запрашаат што прават. Не се само интересите во прашање, туку се работи за македонската држава. А дека има, има Македонци, колку сме толку сме, има Македонци кои ја сакаат Македонија, вели Велков за Курир.

Македонскиот баритон смета дека Костовски треба да се извини, но дали истото ќе му биде прифатено не може да каже.

– Јас имам пријатели и Албанци, Турци и Роми и Бошњаци кои го делат моето мислење и такво нешто за нив е неприфатливо. Тие си ја сакаат Македонија. Делењето на Македонците по било кој основ е преседан за мене. Македонците не се делат на Пиринци, Егејци или Вардарци или Горанци. Македонците се Македонци и секаде се Македонци. Не е важно во кој дел живеат, додава Велков.

Вели дека не му е јасно на кој начин илјадниците граѓани кои протестираат низ градовите ширум Македонија за зачувување на идентитетот и унитарноста на државата, му го нарушувале соживотот на Костовски со Албанците.

-Тој истиот Костовски пред десет години го критикуваше Рамковниот договор. Која е поентата на сето ова. Ние како Македонци на никого ништо не правиме, никого не дискриминираме, само сакаме да си ја зачуваме нашата држава, како патриоти тоа е најнормално, се работи за мајка Македонија. Тие удираат на јазикот и државата. Пред се самата агенда на Сорос уште пред една деценија е дека не треба да се смени знамето, односно да не се врати старото знаме од Кутлеш, исто така лавот на грбот не смееме да го имаме. Ако е така, ќе си имаме проблеми, тоа се нивни изјави. И цело време тие сето тоа како план и како идеја го спроведуваат, ја завршува оперскиот пејач Велков изјавата за Курир.

 

 

 

15.03.2017 - 18:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега