ВМРО-ДПМНЕ: Ставот јасен, СДСМ да се откаже од Тиранската платформа

 

СДСМ да се откаже од тиранската платформа и реализацијата на елементите содржани во неа, а ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде поддршка да формираат влада. Доколку Зоран Заев се уште смета дека елементите од тиранската платформа треба да се прифатат, тогаш за да не ги измами граѓаните, нека прифати парламентарни избори заедно со локални и нека ги вклучи елементите од платформата во својата Програма, го повторија од ВМРО-ДПМНЕ ставот за излез од кризата во земјата.

Дека тиранската платформа е штетна за државата, според ВМРО-ДПМНЕ, покажува и изјавата на Зијадин Села кој на изборен митинг потенцирал дека „во регионалните министерства тука во Струга нема да има вработени 20, 10 или ниту еден процент Албанци, туку 65 проценти и дека Македонците ќе излезат како технолошки вишок затоа што ги имаат зафатено нивните места“. Села, велат од партијата, е човекот од кого ќе зависи идното парламентарно мнозинство на СДСМ во Парламентот, а изјавата е агендата што тој ќе ја реализира доколку дојде на власт.

- Заев избира меѓу интересите на мнозинството Македонци и ваквите намери на Села, кој од позиција во Влада сите Македонци во Струга сака да ги избрка од работа и да ги прогласи за технолошки вишок. Истиот тој Зијадин Села отворено го негира и македонскиот идентитет и вели дека пред 100 години не постоеле Македонци. Истиот тој Зијадин Села јавно кажа дека не го признава македонското знаме и химна и истите планира да ги смени, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Молчењето на СДСМ и Заев во однос на ваквите и слични изјави дадени во изминатиот период и неизјаснувањето против тиранската платформа, според ВМРО-ДПМНЕ покажува дека тие се подготвени да предводат тиранска влада базирана на темели на платформа формирана во странска држава под диктат на странски премиер.

- Човекот којшто без срам ја отвори вратата за дебатирање и оспорување на македонскиот идентитет, како и федерализација на Република Македонија е аболицираниот Зоран Заев. Дебатата започна да се реализира на дело, се истакнува во соопштението во кое се додава и дека потоа следувале отвореното заговарање на федерализација од Питер Ванхауте и заканата од албанската пратеничка Месила Дода, дека доколку Заев отстапи од платформата, тогаш сите Албанци ќе се ангажираат околу остварување на сонот за Илирида.

 

 

 

18.03.2017 - 11:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега