Заев во Брисел на состанокот на Могерини - за што се разговараше?
Мандатарот за составување на нова Влада на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа во Брисел учествуваше на состанок со премиерите на Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а со посредство на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, јави дописникот на МИА од Брисел.
Во изјава за МИА по двочасовнито состанок со Александар Вучиќ, Иса Мустафа, Еди Рама, Денис Звиздиќ и Душко Марковиќ, а на кој му претходеше и билатерална средба со Могерини, Заев истакна дека со премиерите на балакнсктие држави разговарале за сериозно зајакнување на соработката во регионот.
- Излегувам од состанок по билатерална средба со Високата претставничка на Европската унија, Фредерика Могерини и од заедничка вечера со премиерите од Западен Балкан уште повеќе охрабрен за европските перспективи на мојата змеја и на целиот Западен Балкан. Се разговараше за поголемото внимание, посериозната фокусираност на Европската унија кон Западен Балкан што за нас е само обврска повеќе да работиме на европските перспективи преку реформите, преку градење ан пријателства во регионот и секако исполнување на условите за полноправно членство во Европската унија, истакна Заев.
Според мандатарот за формирање на нова Влада на Македонија, со останатите на овој состанок разговарале за тоа како земјите што веќе преговараат за членство во ЕУ треба да бидат еден вид на натпревар за другите земји што сакат да отпочнат преговори, а секако и за земјите што се уште се броат да добијат кандидатски статус. Тој истакна дека верува дека сериозните пораки што синоќа беа испратени на заедничката вечера на земјите од Западен Балкан, ќе значат сериозно охрабрување за граѓаните од целиот регион.
Според претседателот на СДСМ, кој на овој состанок беше поканет како „определен за премиер“, Европската унија има причини повеќе, а треба и земјите од Зпааден Балкан да и даде дополнителни причини за ако сакаат дефинитивно таа заложба на Високата претставничка на ЕУ, а и на целата Европска унија кон Западен Балкан да биде исполнета.
- Зборувавме за сите детали, зборувавме за регионалните проекти, за огромните поддршки за инфраструктурните проекти што се во фаза на изведба и во фаза на аплицирање. Говоревме за отворените билатерални прашања што постојат во регионот, а кои би биле пречка за идното напредување на земјите кон Европската унија. Секако, најважно беше зајакнување на соработката. Високата претставничка на ЕУ, Могерини, издаде и свое соопштение, но јас ќе потврдам дека ваквите пракси таа ги најави како редовна потреба на состаноци на премиерите од Западен Балкан со високите претставници на Европската унија, а посебно со госпоѓа Могерини, додаде Заев.
Инаку, во кусото соопштение што го издаде по оваа неформална вечера на пет балкански премиери плус Зоран Заев во Брисел, Федерика Могерини посочи дека тие разговарале „за патот напред за европската перспектива на регион во ЕУ“.
- Сите присутни ја потврдија својата целосна посветеност да се продолжи да се работи на процесот на интеграција во Европската унија, како што беше потврдено од страна на ЕУ во Самитот на Европскиот совет во март 2017 година. Тие ја потврдија својата решеност и силен заеднички интерес за зајакнување на соработката и доведување во врска со конкретни резултати за животот на граѓаните од регионот. Тие ја истакнаа својата посветеност на добрососедските односи и продлабочување на регионалната разбирање, преку меѓусебно почитување и соработка. Ги охрабрувам премиерите на шесте земји да ја забрзаат потребната работа, со цел да се задоволат очекувањата на нивните граѓани и да се доближат земјите до Европската унија, истакна Могерини во соопштението по овој неформален состанок.
Од страна на големиот број присутни новинари од Балканот на овој состанок, Зоран Заев беше запрашан за тоа дали разговарал со српскиот премиер Александар Вучиќ за информациите дека припадник на српските служби бил во парламентот кога се случуваа собраниските настани на 27 април. Притоа, Заев одговори дека со Вучиќ не разговарале за тоа, туку за соработка.
- Верувам дека заедничките служби меѓу Македонија и Србија дека ќе го решат ова прашање. Јас сум среќен што денеска можевме сите меѓу себе да поразговараме и сите стоиме на линијата на потребата на нашите граѓани на нашите земји за унапредување на соработката. Овде, во присуство на госпоѓа Могерини, констатиравме дека и ЕУ ќе не почитува повеќе ако ние соработуваме повеќе како регион - одговори Заев.
На истото ова прашање, премиерот и избран претседател на Србија, Александар Вучиќ, одговори дека тој „не слушнал дека некој направил кривично дело и дека учествувал во организирање на било-кој“. Според Вучиќ, Србија има информации дека повеќе лица, наведувајќи извесни „Зендери и Чеченовски од Скопје“ кои биле во демонстрациите против него.
- Па што? Тие не направил кривично дело. Конкретното лице од српска амбасада што го споменувате бил таму само да известува, посочи Вучиќ.
На ова, новиот српски претседател доби прашање дали со идниот премиер на македонската Влада, Зоран Заев, расшистиле по повод нивните медиумски препукувања, а по изјавата на Заев дека „во Србиај владејат националисти“.
- Тој беше многу коректен вечерва и јас не скаам да зборувам за тоа, бидејќи чесни луѓе не зборуваат за таквите приватни односи и работи. Ние скааме да имаме добри односи со Македонија и ќе имаме. Тој самиот се осврна на тоа што го кажал, а што било понатака, јас не сакам да говорам. Тоа беше фер од негова страна. Јас не сум зборувал никогаш ништо лошо и нема да зборувам за било-кого од Македонија, па верувам дека тоа ќе придонесе за понатамошно зајакнување на нашите односи, одговори Александар Вучиќ.
Мандатарот за составување на македонска Влада, Зоран Заев, потврди дека тој разговарал со Вучиќ и дека на еден начин му се извинил на актуелниот српски премиер, а иден претседател на Србија, за неговата изјава дека „српската Влада е националистичка“, по што двајцата си подале рака.
- Јас изразив жалење поради невниманието што некогаш политичарите во кампања, пред кампања или после кампања знаеме да го испратиме. Тоа е многу често поради невнимание. Но, секако, преку потврда на потребата од заедничка соработка меѓу нашите две земји, ние се ракувавме и верувам дека денешниот состанок, покрај зацврстување на европските перспективи на целиот регион на нашите земји, дека ќе значи и унапредување на соработката меѓу нашите земји, а во тој контекст и соработката меѓу Република Македонија и Република Србија, посочи Заев.
На крајот во неговата изјава по вечерашниот состанок со Могерини и премиерите на пет балкански држави, Зоран Заев беше прашан „дали има шанси Македонија да започне со отворање на преговарачки поглавја со Европската унија, пред се на поглавјата 23 и 24 и покрај несогласувањата на Грција“. Тој на ова одговори дека е познато дека „високите претставници во Брисел прават напори, а тоа често го најавува и комесарот Хан, макар и технички назначено да се отвори еден аспект, а како помош во реформите што се потребни во земјите, па и во Македонија“.
- Поглавјата 23 и 24 ќе бидат од огромна помош за реформите во правосудството и во безбедноста во Република Македонија, а тоа знаеме дека за нас значи сериозни реализации на забелешките и сугестиите од извештајот на Европската унија, односн извештајот на Прибе. Јас посакувам во 2018 година да се одреди датум за преговори и официјалнод а ги отвориме истите. Но, час поскоро, дали официјално или неофицијално, отворање на поглавјата 23 и 24 ќе значат огромна помош за Република Македонија, заклучи Зоран Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа