Грција се подготвува за следната проценка на Тројката

 

Грчкиот премиер Андонис Самарас денеска ќе одржи состанок со сите клучни министри и генерални секретари кои се директно поврзани со програмата за спас на Грција, односно финансиската помош од меѓународните кредитори кои на 21 септември повторно ќе ја посетат Грција за да направат нова проценка на имплементацијата на реформите кои земјата ги презеде како обврска во замена за финанскиска помош.

Со денешниот состанок, кој е само прв од серијата средби на грчкиот премиер со министрите од коалициската влада, Самарас сака да покаже и дека Владата се враќа на интензивна работа по кусиот одмор и оти нема место за одложувања во однос на обврските кои треба да се исполнат кон меѓународните кредитори, а ќе се фокусира на три клучни области: исполнување, колку што е можно повеќе, на обврските кон тројката меѓународни кредитори, подобрување на меѓународниот имиџ на земјата и спречување на внатрешното разидување во кревката Влада, особено во пресрет на изборите закажани за 22 септември во Германија, која има најголем удел во спасувачките пакети за Грција, во замена за тешките мерки за фискално прилагодување.

Моментално најголема загриженост предизвикуваат реформите во здравството и образованието, како и реконструкцијата на пошироката државна служба. Владата на Самарас мора да биде во позиција следниот месец да и покаже на тројката дека напредува трансферот на илјадници државни службеници во шемата за мобилност, каде што вработените добиваат намалена плата осум месеци пред да бидат преместени на друго работно место или отпуштени. 

20.08.2013 - 10:45
Фото: 
Сител

најчитано сега