ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ најави банкрот на Катастарот

Славче Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека со зголемување на цените на услугите на приватните геодетски фирми за 50 отсто и намалување на цените на услугите на Катастарот за 50 отсто ќе дојде до банкрот на Катастарот и укинување на бесплатните геодетски елаборати за социјално ранливите категории и за граѓаните од загрозените подрачја. 

- Сегашното законско решение ја регулира максималната цена на услугите и дава можност за намалување на цените од услугите на приватните геодетски фирми за 50 отсто. Со одлуката максималната цена да биде минимална цена како и укинувањето на можноста за 50 отсто намалување на цените на услугите, министерот Сугарески фактички објави зголемување на цените на услугите на приватните геодетски фирми за минимум 50 отсто, рече Трпески. Додаде дека во одредени градови, имајќи предвид дека има една или ниедна геодетска фирма, цената на услугите во тие градови може да се покачи дури и за повеќе од 100 отсто.

Трпески појасни дека сега Катастарот својата цена ја формира врз основа на утврдена методологија од страна на Управниот одбор, во кој се вкалкулирани исклучиво трошоците за секоја цена на услугата.

- Доколку се спушти цената под нивото на трошоците кои што ги има Катастарот за секоја поединечна услуга тоа фактички ќе значи банкрот на Катастарот. Односно неможност на Катастарот да ги одржува системите, да ги плаќа трошоците и неможност на Катастарот да исплаќа плата на своите вработени, рече Трпески и додаде оти Катастарот има најниски цени на своите услуги во Европа.

Според него, сето ова води кон укинување на бесплатните геодетски елаборати за социјалните категории на граѓани и укинување на бесплатните геодетски елаборати за граѓаните од поплавените подрачја. Овие категории граѓани, како што рече, во иднина ќе треба да плаќаат дури и зголемени цени на геодетски елаборати. 

 

 

 

25.08.2017 - 19:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега