Официјално отворена Технолошко-индустриската развојна зона во Штип

 

Премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорoт на ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев денеска ја отворија првата Технолошко-индустриска развојна зона во источна Македонија, лоцирана во близина на штипската приградската населба Три Чешми. 

Премиерот Груевски истакна дека од почетокот на 2010 година кога се постави камен-темелникот на изградба на зоната се до денес во ТИРЗ „Штип“ се изведоа доста крупни зафати и инфраструктурни инвестиции.

- Се изгради главната сообраќајница на зоната во должина од 2,2 километри, се изгради водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, се изгради електроенергетска мрежа, се изгради телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување во самата зона. Со тоа, најголемата ТИРЗ во Македонија стана една функционална целина, која со своите карактеристики може да им посака добредојде на сите потенцијални инвеститори во овој регион. На тој план, мразот го скрши „Џонсон Контролс“ со својата втора инвестиција во Македонија и изградба на својата прва фабрика во зоната во Штип. Сепак, оваа зона има 208 хектари и 37 големи парцели. Очекувам дека нема да помине долго време кога овие 37 парцели ќе се претворат во 37 фабрики, кои ќе вработат многу граѓани од Штип и кои ќе придонесат за сериозен развој на целиот овој регион од Македонија, рече Груевски.

Тој истакна дека изградбата на ТИРЗ во Штип, кој е регионален проект дава позитивни ефекти од новите инвестиции, а веќе ги имаат почувствувано дел од граѓаните на Штип, Пробиштип, Кочани, Велес, Свети Николе и Радовиш кои започнале со обука на пробна работа во „Џонсон Контролс“.

- Интересот е разбирлив, зоната има целосна инфраструктурна покриеност, местоположбата е одлична, во непосредна близина поминува железничката пруга, тука е новата трафостаница „Штип“, блиску е базата за нафтени деривати на „Лукоил“, патната инфраструктура до Штип е добра, а во иднина ќе биде уште подобра со реконструкцијата на патот Велес - Штип, патот Штип - Струмица, како и со изградбата на автопатот Скопје - Штип за којшто верувам дека до крајот на септември ќе можам да кажам позитивна информација, рече Груевски.

Тој истакна дека Владата продолжува со инвестиции во сите технолошко-индустриски развојни зони во земјата.

- Кон средината на следниот месец планираме да отпочне градбата на ТИРЗ „Струмица“, ТИРЗ „Радовиш“. Проектите се завршени, се очекува распишување на тендер и некаде во месец ноември да отпочне со градба и оваа зона. Во првата половина на следната година планираме да се започне со градба и на зоните во Делчево, Виница и Берово. Во моментов се градат зоните во Кичево, Прилеп и во Гевгелија. Зоната во Кичево очекуваме да биде функционална на почекот на 2015 година, а во исто време, во завршни подготовки е ТИРЗ „Скопје 2“ која очекуваме да биде функционална до крајот на оваа година. На овој начин нашата интенција е да ги покриеме сите региони на нашата земја за кои има интерес и за кои веруваме дека може да привлечат интерес за нови инвестиции и нови фабрики, вели Груевски.

Премиерот најави дека во ТИЗ „Штип“ се очекува изградба на нова фабрика за градежни материјали. Инвеститорот веќе закупил 6.000 метри квадратни простор во ТИРЗ „Штип“, веднаш до новата фабрика на „Џонсон Контролс“. 

23.08.2013 - 15:37

најчитано сега