Грозданов: Цените на становите ќе паднат за 15%
Цветко Грозданов, директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, чиј мнозински акционер е Владата, во интервју за еВести тврди дека маржите на приватниците се над 30 проценти. Вели дека во блиска иднина цените на становите ќе бидат до 15 отсто пониски, а понатаму недвижнините ќе се продаваат уште поевтино.
Просечната цена по метар квадратен станбена површина (зборувам за градежна не за продажна) изнесува од 370€ по м2 па се до 450€ по м2, но сепак тоа е условено и од типот на градбата. На пример не е исто градба на колективна станбена зграда која е на 5 ката и зграда на 15 ката, а има разлика и во квалитетот на вградениот материјал. Доколку станува збор за луксузни станови сигурно дека и цената ке биде повисока . Кога на оваа цена ќе се додаде пазарната цена на земјиштето, комуналиите како и останатите трошоци, цената просечно би требала да се движи во рамките на цените кои ние како Акционерско друштво ги нудиме, вели Грозданов во интервјуто.
На прашањето каков тренд на промена на цените ќе има во иднина Грозданов вели дека становит етреба да поевтинат за најмалку 15 проценти.
-Во иднина се очекува продажните цени да забележат пад од 10 до 15 проценти од оние кои ги има денеска на пазарот. Доколку се гасифицираат фабриките кои произведуваат градежни материјали, или превозот биде на метан и ако на пример се користат други ефтини енергенси треба да се очекува пад и на цените на градежните материјали, вели тој.
Тврди дека за разлика од нив маржите на приватните компании се над 30 проценти.
Според него оваа Влада е прва што се фокусирала да им помогне станбено на социјално ранливите групи.
- Ефектите од изградбата на социјалните станови се големи, како никогаш досега се изградени станови за социјално загрозените лица, млади брачни парови и деца без родители. Ова е една од најдобрите страни на оваа Влада која има донесено проект да згрижи близу 2.000 семејства кои досега неможеа да замислат дека ќе имаат постојано живеалиште. За нас е повеќе од доволно да на улица сретнеме уште 2.000 задоволни и насмеани лица , па затоа нема да застанеме тука и по завршувањето на овој проект ќе продолжиме со нови и поголеми проекти, вели Грозданов.