Од утре Џумајлија оди во рацете на Сахара Груп

 

 

Претставници на индиската Сахара груп утре повторно ќе пристигнат во Македонија за да стартуваат со реорганизација на агрокомбинатот Џумајлија.

Според информациите на АЛфа, првите градежни работи ќе стартуваат до октомври, а активностите ќе се засилат на пролет. Предвидено е во наредните три години да никнат четири одвоени фарми за крави кои ќе бидат целосно климатизирани и со оддели за механичко молзење, високотехнолошка млекарница, како и објекти за производство на добиточна храна. Дваесетте илјади крави ќе пристигнат од Холандија, во неколку фази. Целата инвестиција е проценета на 211 милиони евра – 60 милиони во првите 8 месеци, 70 милиони во наредните 12 месеци и уште 80 до крајот на тригодишниот период.

Со оваа голема инвестиција, ќе се вработат 2.000 луѓе од различни профили поврзани со земјоделството, но и со сточарството. Новите технолгии е предвидено да им ги зголемат приносите и до 30 отсто.

За земјиштето кое ќе го користат, претставништвото на Сахара на државата во наредните 15 години ќе и плаќа закупнина од 121.000 евра годишно. Ова донесе реакции во јавноста - според опозицијата субвенциите ќе биле поголеми од надоместокот за концесија. Власта објасни дека за таа површина максималниот износ на субвенции не надминува 85.000 евра.

Џумајлија е вториот најголем агрокомбинат во Македонија, кој поседува 6.000 хектари обраболиво земјиште и 6.000 хектари пасишта, винарска визба, млин, фарма со капацитет од 1.000 овци и 200 крави. Додека беше во функција од него излегуваа над 20.000 тони житни и фуражни култури.

26.08.2013 - 10:38
Фото: 
влада.мк

најчитано сега