Саша Богдановиќ: Повеќе нема да има паркирање на уличките во Дебар Маало за оние што не живеат или работат таму

Предизборни интервјуа на кандидатите за градоначалници.

Во предизборниот период Прес24 побара интервјуа со најголем дел од канидатите за градоначалници во скопските општини, но и од останатите градови. Интервјуата ќе бидат објавувани согласно динамиката на одговори накандидатите.

ПРЕС24: Во предзборната трка за Општина Центар влеговте како ново име и замена на градоначалникот кој беше од редовите на истата поличка групација. Зошто мислите дека Вие би биле подобар градоначалник од Андреј Жерновски?

БОГАДНОВИЌ: Јас не се споредувам со никого, па не сакам да се споредувам ниту со мојот претходник Андреј Жерновски и неговата работа како градоначалник. Тој сепак раководеше со Општина Центар во специфични услови, без соработка, па дури и со опструкции од централната и од градската власт. Сите сме сведоци на притисоците со кои се соочуваше општината во изминативе четири години, која во еден период беше и мета на физичко насилство, исто како и градоначалникот Жерновски. Нарачателите и извршителите на тоа насилство денеска се на суд. Сепак, и во такви услови и без поддршка тој успеа да реализира капитални проекти во Центар кои се од корист на граѓаните, како изградбата на градинката и училиштето во Капиштец, субвенциите за велосипеди итн.

Јас ќе бидам успешен градоначалник на Центар, затоа што верувам во сите мои проекти, ја имам потребната младост, искуство и енергија. Сметам дека на еден градоначалник, за да биде добар и успешен, не му се најважни поддршката од централната власт, туку комуникацијата и добрата соработка со жителите. Јас сум теренец и заради моите претходни ангажмани како директор на општинското претпријатие ПОЦ и како претседател на општинската организација на СДСМ, постојано сум во контакт со центарци. Ги знам нивните размислувања, желби и потреби и тоа е доволна гаранција за успешно раковoдење со една општина каква што е Центар.

ПРЕС24: Најавивте дека прв предмет кој ќе го работите од кабинетот на градоначалникот во Центар е ревизија на дуповите. Дали тоа подразбира и ревизија на градбите во последните четири години?

БОГАДНОВИЌ:Ревизијата на сите детаљни урбанистички планови е неопходна и веднаш ќе биде спроведена и за готовите планови и за оние кои се во процедура за донесување или измени и дополнување. За времето додека трае ревизијата, ќе прогласам мораториум за сите градби. Изградбата на започнатите објекти и на нови ќе може да продолжи дури откако ќе заврши ревизијата и ќе бидат усвоени детаљни планови во кои се испочитувани сите еколошки, сообраќајни и урбанистички параметри за планиарање и градба. Не може веќе да гледаме нефункционални објекти низ центарот, без доволно паркинзи за сите станови, поделени и пренатрупани градежни парцели, згради на кои веднаш се гледа дека се изградени за нечиј профит и не нудат добри услови за живот на станарите. Тоа мора да престане.

Ќе има и ревизија на градбите и тоа на сите градби од проектот „Скопје 2014“. Ќе ја отворам за јавност целата документацијата за секоја градба поединечно од „Скопје 2014“, за сите да видат на кој начин е изграден овој монструозен проект - од тендерската документација, до дозволите за градба и употреба на објектите.

ПРЕС24: Наспроти Вас на овие избори во Центар стои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Дали битката за Центар е и битка за поддржувачите на „Работнички“. Двајца противкандидати на политичката сцена, а во спортските сали на исти страна?

БОГАДНОВИЌ: Политиката си е политика, а спортот е спорт и најубаво би било овие две работи да не се мешаат. Мојата љубов кон клубот „Работнички“ е позната и тоа нема да се промени. Но, сакам да се промени политичката култура кај нас, а таа промена да резултира со нормална дебата, политичка борба и судир на идеи и концепти, наместо она што го имавме досега. Јас се трудам да водам позитивна кампања. Моментно со мојот противкандидат сме во една фер и демократска изборна трка и нема никакви причини да се чувствуваме за непријатели. Напротив, свесен сум дека многу работи не поврзуваат, пред се клубот „Работнички“ и Општина Центар. Тоа е основа за соработка и не постои битка за поддржувачите на „Работнички“.

ПРЕС24: Што за Вас е приоритет за Општина Центар?

БОГДАНОВИЌ: Сакам општина во која секој жител ќе знае како се трошат општинските пари, ќе дава предлози за локалниот развој, ќе учествува во одлуките и ќе чувствува дека неговата општина се грижи за него. Приоритети се здравјето и безбедноста за сите, па најмногу ќе бидам фокусиран на проектите за почиста околина, за сигурни училишта и улици, за помирен сообраќај, за обнова и изградба на водоводи и на атмосферска и фекална канализација. Ќе се фокусирам на тоа луѓето, наместо автомобилите да ги освојат улиците, а тоа ќе се случи со низа проекти за враќање на маалскиот живот, со отварање на јавните простори за алтернативната култура, за изложби и претстави на отворено.  Мој приоритет, исто така, е да сопре градежниот хаос на кој сведочиме, односно да се гради по план.

ПРЕС24: Како според Вас најсоодветно треба да се реши сообраќајниот метеж, особено во Дебар Маало  и строгиот центар на градот?

БОГДАНОВИЌ: Метежот ќе се намали ако се намали бројот на автомобили на улиците, а се зголеми користењето на другиот вид на сообраќај, како јавниот превоз и велосипедите. За тоа треба да се овозможат услови, со поголем број на автобуси и со велосипедски патеки на што поголем број на улици. Ние ќе им даваме на жителите субвенции за набавка на нови велисипеди и до крајот на мојот мандат сакам во секое семејство во Центар да има по еден нов велосипед. Но, тоа е напразно ако нема каде да ги возат, односно ако возилата и натаму се паркирани на тротоарите и нема велосипедски патеки. Затоа, со изградбата на монтажни гаражи и со превземањето на сите паркинзи во Центар под управа на претпријатието ПОЦ, тротоарите ќе се ослободат од автомобилите. Така велосипедистите и пешаците ќе си го добијат просторот што им припаѓа.

Во врска со сообраќајниот метеж во Дебар Маало, сакам да порачам дека таму паркинзите на сите улици ќе бидат резидентни, наменети исклучиво за станарите. Сите останати кои доаѓаат во Дебар Маало ќе мора да паркираат на големи комерцијални паркинзи во околината и потоа да одат пеш пет-шест минути до саканата локација. Сите треба да разберат дека повеќе нема да има паркирање на уличките во Дебар Маалоза оние што не живеат или работат таму.

ПРЕС24: Хигиената, воздухот... Центар во некои периоди од денот во некои месеци како да не е „срцето“ на метрополата. Постои ли план за почист Центар?

БОГДАНОВИЌ: Загадувањето на воздухот е комплексен проблем на кој влијаат низа фактори и јас ќе делувам на некои од нив, според моите ингеренции. Строго ќе контролирам дали градилиштата ги исполнуваат мерките за заштита на воздухот, односно дали нивните камиони се чисти, со покриени приколки итн. Во најзагадените месеци од годината нема да се гради. На концентрацијата на ПМ честичките влијае и нехигиената на улиците, па затоа планирам поредовно чистење. Најавив дека ќе ги зголемиме ингеренциите на ПОЦ, кое е општинско комунално претпријатие што во иднина ќе биде одговорно за зимско одржување, како и за редовно миење на земјата, правта и калта од улиците.

Воздухот ќе го чистам и со повеќе зеленило, паркови, зелени блокови и со засадување на вертикални градини на фасадите. Исто така, со стимулирање на велосипедскиот сообраќај и со субвенции за набавка на електромобили. Мој капитален проект е изградба на кула за прочистување на воздухот која со својата јонизирачка технологија ги заробува честичките. Има капацитет да чисти 30.000 кубни метри воздух и тоа до 70 отсто. Но, загадувањето не познава општински граници, па затоа и другите градоначалници ќе мора да превземаат низа мерки и да инвестираат во своите општини, ако сакаме да дишеме почист воздух.

 

 

 

12.10.2017 - 19:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега