Сушата го намали квалитетот на земјоделските култури во Пелагонија

 

Агроекспертите од битолскиот дел на Пелагонија оценуваат дека континуираните високи дневни температури го намалија квалитетот на земјоделските култури од годинешната реколта чија берба е во полн ек.

- Паралелно со бербата на земјоделските производи, се одвива и откупот, но за жал сушата го направи своето и го намали квалитетот иако пролетоска објективно очекувавме поголем квалитет посебно на пченицата и на тутунот во Пелагонија, истакна Илија Србиновски раководител на подрачната едница на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со седиште во Битола.

Тој додаде дека годинава во битолскиот дел на Пелагонија собрани се околу 60.000 тони пченица но со послаб квалитет наспроти ланскиот. Досега се откупени околу 70 отсто од вкупните количини лебно зрно, но откупот на произведеното продолжува.

Србиновски потенцира дека ова лето е регистриран и послаб квалитет на тутунот и затоа од засадените површини ќе бидат собрани околу 2.500 тони тутун.

Во битолскиот дел на Пелагонија во овој период од годината се врши собирање на фуражните, силажните и градинарските производи, индустриска пиперка и моркови, а на почетокот од идниот месец ќе почне бербата и откупот на доматите, информираат од подрачната единица на МЗШВ.

- Земјоделците веќе размислуваат и за есенската сеидба. Првичните подготовки се насочени кон планирањето на површините, потребниот семенски материјал и употреба на современа механизација која се повеќе ја применуваат земјоделците од Пелагонија. Очекувавме и придвижување на состојбите со производството на шеќерната репа, но за жал нема некоја посебна иницијатива од битолската „шеќерана“ за овој важен земјоделски производ, истакна Србиновски.

27.08.2013 - 11:50

најчитано сега