Земјоделците отсега полесно до финансиска поддршка - еве ги мерките кои ги донесе македонската Влада
До 20 септември се пролонгира рокот за барање земјоделски субвенции во сите сектори, одлучи Владата.
Како што соопшти денеска портпаролот Александар Ѓоргиев, за полесно добивање финансиска поддршка, по барање на земјоделците, донесени се уште две мерки.
- Земјоделците кои не добија субвенции лани, а поднесоа барања, годинава ќе добијат поддршка ако платат пашарина или водарина и ако аплицираат најдоцна до 31 октомври, рече Ѓоргиев.
Согласно третата мерка, за 50 отсто се намалуваат количините кои треба да ги предадат производителите на домат, краставица и пиперка до 15 мај за да добијат дополнителна поддршка од 90.000 денари.
- Ова се трите одлуки кои цениме дека ќе бидат од исклучителна важност за земјоделците, ќе помогнат во реализација на нивните можности и ќе обезбедат подобри услови да ги добијат заслужените пари, напомена Ѓорѓиев.