Се надминува предизвикот - ќе се укинува на заштитната мерка за условен увоз на пченица
Пазарот се стабилизира, се надминува предизвикот, и се создаваат услови за укинување на заштитната мерка за условен увоз на пченица од странство, и таа ќе се престане да важи на 2 септември годинава, соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Оваа одлука е донесена, објасни Ѓорѓиев, откако е оценето дека сериозно е стабилизиран пазарот со пченица.
- Домашното производство е околу 95 отсто откупено со што се создадоа услови за повлекување на заштитната мерка, изјави Ѓорѓиев.
Тој информира дека Владата била информирана и дека финишираат процесите за стабилизација и на пазарот на брашно во земјата, и се очекува да се укине и мерката за условен увоз на брашно од странство во првата половина на идниот месец бидејќи и за тоа, како што напомена, се создадени услови.
- Мерките беа донесени врз основа на домашното и меѓународното право, врз основа на длабока аргументација и со цел заштита на домашното производство, цениме дека истите ја постигнаа целта, помогнаа за стабилизирање на пазарот и ги надминаа предизвиците од евентуални какви било нарушувања, посочи владиниот портпарол.
Тој истакна и благодарност до сите субјекти од земјата и од странство за конструктивниот однос во справувањето со овој општествен предизвик.