Заев: Едно општество за сите е можно ако престанат поделбите меѓу граѓаните
- Да престанат поделбите по етничка и политичка основа, да работиме конкретно, во интерес на сите. Компетитивноста да биде база за подобра инфраструктура, подобро здравство, образование, култура, спорт, социјала,... Граѓаните да ги гледаме само како граѓани и никако поинаку. Убеден сум дека концептот „едно општество за сите“ има практична примена и душа ако се растовариме од предрасудите и водиме еднаква грижа за сите, јазот ќе се надмине, истакна премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница.
Одговорајќи на прашањето на пратеникот Африм Гаши од Беса, Заев нагласи дека токму поради тоа што Владата верува во концептот „едно општество за сите“, во новиот буџетот предвиде реализирање капитални инфраструктурни проекти зависно од капацитетноста и подготовката, а не зависно од припадноста на некоја етничка група или политичка партија.
- Продолжуваме со мотивирање на локалните средини и регионите за изработка на проектна документација за водоводи, канализации, училишта, градинки, болници, локални патишта,... Првата цел е да се мотивираат општините, регионите, граѓаните и институциите да создаваат проекти за капитална инфраструктура од кој било карактер, а втората, да се зголеми процентот на реализација на капиталните инвестиции. Секој прокет се доставува до институциите и станува комплементарен дел на соодветното министерсвото, подвлече Заев.
Премиерот уште еднаш повтори дека веќе нема да има делби по основа на политички партии или какви било преговори за одредени региони, општини и заедници.
- Тоа е возможно ако престанеме да ги делиме граѓаните по било која основа, потенцира Заев и дополни дека изработката на проектни документации ќе биде клучно за реализирање на инвестициите, а во таа насока еднаква обврска ќе имаат и пратениците, и министрите, и нивните заменици и градоначалниците и советниците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа