Александрова: Покачување на акцизата за нафта им нанесува сериозен удар и на македонските транспортери
СДС со законот за покачување на акцизата за нафта, освен што им одзема годишно една плата од 20.000 денари на семејствата, им нанесува сериозен удар и на македонските транспортери, вели Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
-Веќе еднаш предупредивме дека пресметките говорат дека еден камион месечно во просек поминува по 2.156 километри при што превезува 549 тони стока за што троши 630 литри нафта, за истиот тој превозник покачувањето на акцизата на месечно ниво ќе значи 2.205 денари поголеми трошоци од камион, додека на годишно ниво тоа се 26.460 денари повеќе од камион, само поради покачената акциза. Земајќи ги во предвид официјалните статистики, во Македонија регистрирани се 25.522 камиони со погон на дизел гориво, сите тие поединечно ќе имаат зголемен трошок од 26.460 денари годишно, додека сите регистрирани транспортери на годишно ниво ќе имаат зголемен трошок од 11 милиони евра, потенцира Александрова.
Таа додава дека најавите за покачување на акцизата веќе резултираат со покачување на цените на картите за меѓуградскиот превоз, а истото ќе се случи и со јавниот превоз и такси превозниците.
-Најлицемерно е што СДС одвојуваат 6.000 евра буџет за загадувањето, а земаат 20.000 денари од секое домаќинство. СДС со ваквите штетни политики ја крахира економијата во Република Македонија. Ова е сериозен удар за транспортерите и превозниците. Од оваа штетна политика ќе страдаат и земјоделците, а највеќе ќе страдаат сите граѓани кои се корисници на услугите и стоките кои се неопходни. Со ова ќе следува спирално покачување на сите цени во општеството, а граѓаните највеќе ќе го почувствуваат сето ова. Ова е резултатот од работењето на СДС. СДС ветуваа живот, а на граѓаните им дадоа сиромаштија, изјави Александрова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа