ВМРО-ДПМНЕ: Власта сака да го претвори правосудниот систем во егзекутор на политичките нарачки

 

Владеењето на правото е деградирано. Правната држава е девалвирана. СДСМ ја претвори демократијата во имагинарен поим, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Комесарот за човекови права на Советот на Европа изрази сомнеж за владеењето на правото во Република Македонија, како последица на политички монтираните случаи против десетици македонски граѓани неосновано обвинети за тероризам. Актери, режисери, архитекти, доктори и видни општествени дејци, преку ноќ се најдоа во затвор само затоа што имаат различни политички погледи од Зоран Заев. Правата на притворените се прекршуваат неколкукратно во сите фази на постапката. Притворените пратеници незаконски се апсени, факт кој го нотираше и Народниот правобранител. Власта сака да го претвори правосудниот систем во егзекутор на политичките нарачки. Професионалците во ОЈО и судовите не треба да подлегнуваат на притисокот  и треба да работат исклучиво согласно Устав и закон, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека чесните професионалци во правосудните органи ја имаат историската улога да ја заштитат демократијата и правната држава.

-Одговорноста е огромна, бидејќи влогот е Република Македонија која мора да биде држава во која се почитуваат човековите права и слободи. Политичкиот прогон мора да запре. Правосудните органи ја имаат и одговорноста и можноста тоа да го направат. Во интерес на нашите Евроатлански интеграции е Република Македонија час поскоро да стави крај на политички конструираните случаи. Уставот, законот и меѓународните договори мора да важат подеднакво овде како и во која било друга земја од ЕУ и НАТО, организации кои се наша стратешка определба и цел, се наведува во соопштението.

 

 

 

04.02.2018 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега