Судењето за случајот „Монструм“ започнува од почеток

Во Кривичниот суд во Скопје денеска одново започнува судењето за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година.

Шест лица беа осудени во „Монструм“ на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам.

На 24 ноември Врховниот суд на Република Македонија ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

Јавната обвинителка Лилјана Спасовска, побара укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.

По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

 

 

 

12.02.2018 - 09:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега