Владата со директна комуникација ќе ги решава проблемите на бизнис - заедницата
Стартува четвртиот циклус посети на компании од проектот „Учиме од бизнис заедницата“, преку кој во изминативе три години се посетени над 400 компании во 34 градови во Македонија.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања денеска на прес-конференција информираше дека ефектот на реализација во првите два циклуси е доста голем, односно реализирани се над 50 отсто од барањата.
-Главниот бенефит од овој проект се препознава токму во тоа што голем дел од иницијативите и предлозите на бизнис заедницата допринесуваат во креирање на економските политики на Владата. Имено искуствата покажуваат дека токму врз барањата на бизнис заедницата, донесени се нови стратегии, имплементирани се низа проекти и направени се измени во голем број на закони, вели Пешевски.
Пешевски објаснии дека овој проект овозможува директна комуникација помеѓу Владата и бизнис заедницата.
–Преку директни посети и разговори со компаниите од страна на обучени тимови Владата директно се запознава со предизвиците и проблемите со кои се соочуваат македонските компании во секојдневното работење, појасни Пешевски.
Тој денеска истакна дека овие директни контакти овозможуваат идентификуваните проблеми детално да се анализираат и Владата, доколку реално е возможно, да најде решение за нивно надминување. Целта на проектот, вели Пешевски е да се подобри деловното опкружување и да се олесни секојдневното водење на бизнис.
Компаниите кои се опфатени со проектот се од различни области, а претежно се од од металуршката, метало-преработувачката, градежната, хемиската, прехранбената, текстилната, фармацевтската, дрвната индустрија, како и компании од услужниот сектор, претежно од трговија, угостителство и туризам, информираше Пешевски. Компаниите во досегашните три циклуси се произнеле со околу 600 иницијативи, предлози, проблеми.
Пешевски апелира до сите стопанственици да аплицираат на огласот кој денеска е објавен во дневниот печат и да станат дел од проектот „Учиме од бизнис заедницата“.