Реформските закони усогласени - се чека само пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да излезат од притвор
За се освен за законот за јазиците паднал договор на вчерашната средба меѓу Мицкоски и Заев. И премиерот и лидерот на опозицијата рекоа дека атмосферата била конструктивна и добра за конечно надминување на разликите.
Мицкоски и Заев по вчерашната средба во Владата потврдија дека се договориле да го испратат во историјата пржинскиот модел на функционирање на ДИК и да го вратат стариот но само до септември кога со измени во изборниот законик ќе се направи комплетно нов систем на функционирање на оваа институција во која политичките претставници ќе се вклучуваат само на 6 месеци пред избори.
И Заев и Мицкоски рекоа дека работните групи кои ги договараат реформските закони но и измените во собранискиот Деловник речи си ги усогласиле ставовите и дека до крајот на неделава ќе имаат конечен договор.
Но за да се реализира тој договор за реформскиот пакет потребно е во Собранието да се вратат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи голем број од овие закони се носат со двотретинско мнозинство, кое без опозицијата не може да биде обезбедено.
Тука веројатно лежи и најинтересниот момент од вчерашните разговори, особено ако се знае дека ВМРО-ДПМНЕ своето враќање во Собранието го условува со ослободувањето на пратениците и останатите осомничени за настаните од 27 април во Собранието.
Мицкоски вели дека има чувство дека наскоро ќе се отстранат пречките за ВМРО-ДПМНЕ да може да се врати во Собранието што сфатено во директен контекст значи дека чувствува дека пратениците набрзо ќе бидат ослободени.
Премиерот пак вели дека нема намера да се меша во работата на судот иако има разбирање дека притворите траат предолго, апелирајќи да не се користат како казна.
Тест за „релаксираните“ односи на релација власт-опозиција веројатно ќе биде процесот Жан Моне кој е закажан во периодот од 15 до 17 март во Охрид. На него, власта и опозицијата пред меѓународните претставници ќе можат да демонстрираат како тече дијалогот и дали од него ќе се родат решенија кои по подолг временски период во македонската демократија ќе бидат усвоени со консензус.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа