Во Прага одбележан Денот на независноста на Македонија
По повод Денот на независноста на Република Македонија - 8 Септември, македонската Амбасада во Прага организираше прием на кој присуствуваа претставници на општествениот, културниот и политичкиот живот, на дипломатскиот кор и Македонци кои живеат и работат во Чешка.
- Од 1994 година, нашите билатерални односи целосно и длабоко се развиваат во дух на пријателство и партнерство. Нашите две држави се исто така споени со долга историја и културна традиција кои датираат од Моравската мисија на Св. Кирил и Методиј пред 1.150 години, истакна македонскиот амбасадор во Чешка, Паскал Стојчески.
- Сето тоа во голема мерка придонесе за фактот Република Македонија да е мирна и стабилна земја, подготвена да стане членка на ЕУ и НАТО, посочи Стојчески, изразувајќи им добредојде на многубројните гости.
На приемот присуствуваа над 150 гости, меѓу кои чешкиот министер за внатрешни работи Мартин Пецина, заменик министерот за надворешни работи Карел Борувка, заменик министерот за животна средина Томаш Тесар, како и претставници од чешкиот Парламент.
За прославувањето на 22-годишнината од осамостојувањето на нашата татковина, беше искорисен просторот каде што е во тек изложбата на Светската галерија на цртеж на галеријата „Остен" од Скопје.