Милион нови работни места во ЈИЕ до 2020 година

 

 

Милион нови работни места до 2020 година во регионот на Југоисточна Европа, зголемување на директните странски  инвестиции за 240 проценти,  на обемот на трговија за 140 проценти, на вработеноста за 5 проценти и на високообразовната работна сила за 300.000 лица, предвидува денеска презентираната нацрт стратегија за ЈИЕ 2020: Работни места и просперитет во европска перспектива.

-  Ова е многу амбициозна стратегија со вкупно 11 цели, изработена   со соработка на 7  членки на Советот за регионална соработка од просторот на Западен Балкан, кои првпат ги утврдија своите развојни цели до 2020  година. Најамбициозна цел која е поставена е креирање милион  нови работни места до 2020 година, изјави Сањин Арифагиќ, координатор на Советот за регионална соработка.

За реализирање на поставените цели во стратегијата се предвидени низа инструменти  и мерки, трговско-инвестициско поврзување, унапредување на конкурентноста на фирмите и на ефикасноста на државните управи, што е препознаено како еден од проблемите во регионот, и активни политики за вработување.

- Агендата е  многу сеопфатна и бара голема координација помеѓу државите и на национално и на регионално ниво, а исто така и поддршка од меѓународните партнери, пред се од Европската унија, истакна Арифагиќ.

Тој ја презентира стратегијата на работилница, во организација на Комитетот за инвестиции на Југоисточна Европа, во рамки на Советот за регионална соработка. Членови на македонскиот национален економски тим, претставници од надлежните институции, граѓанското општество, приватниот сектор, донатори и други заинтересирани страни, на работилницата се консултираат за планираните цели, мерки и инструменти за нивно реализирање.  По прибирање повратни информации од сите засегнати страни, тие ќе бидат земени предвид во конечната верзија на стратегијата, која треба да се усвои на Министерската конференција во ноември во Сараево.

Според државниот секретар во македонското Министерство за економија Анче Трифунов,  македонската Влада ја поддржува стратегијата како сеопфатен документ за одржлив развој на регионот со поголема  координација помеѓу националните политики на земјите во регионот и ЕУ особено од аспект на приоритетот за членство во Унијата.

- Владата е активно вклучена од самиот почеток на подготовка на стратегијата и дава придонес во сите фази на изработка. Стратегијата треба да помине владина процедура, да се усвои и од Владата на РМ, и од останатите земји членки на ЈИЕ, по што ќе финализира со потпишување од страна на министрите за економија и трговија во ноември. Активно сме вклучени и стратегијата генерално се совпаѓа со целите на РМ на полето на економскиот развој. На овој начин преку регионален пристап, заеднички како регион со помош на ЕК, со нагласена помош преку ИПА фондовите за повеќенаменска поддршка, очекуваме оваа стратегија да даде  уште посилен придонес за остварување на нашите национални цели, рече Трифунов. 

10.09.2013 - 11:49

најчитано сега