Фалц пари кружат во Македонија: Полицијата приведе цела банда
Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес донесе Наредба за спроведување на истрага против 11 лица. На седуммина од осомничените им се става на товар дека сториле кривично дело Фалсификување пари од чл.268, а четворица се товарат за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик.
Имено, во период од месец април до мај годинава, едно од пријавените лица набавило 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти. Вкупно 137 лажни банкноти, осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банка во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица кои во неколку наврати ги продале во банката. За дел од банкнотите на „продавачите“ не им биле исплатувани пари во денарска противвредност , туку биле извршени трансакции со кои „продавачите“ ги префрлувале парите од нивно име како позајмица на сметките на фирмите во сопственост на прво осомничениот и неговото семејство.
Во исто време, шалтерските работници во банката извршиле прием на лажните банкноти и притоа не направиле рачна и машинска проверка на бројната точност и автентичност на банкнотите согласно банкарските правила и по одобрение од раководителот и заменик раководителот во банката исплатиле денари во соодветна противвредност. Со неизвршување на своите службени овластувања, банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545,00 денари.
Во текот на вчерашниот ден, осомничените лица се сослушани од страна на јавен обвинител. Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците кои ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе Предлог за определување на мерка притвор за прво осомничениот, а за останатите осомничени достави предлог за определување на други мерки за обезбедување.
Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со Решение на прво осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа