Сарачини: Нормализиран протокот на стоки, услуги и луѓе меѓу Македонија и Косово
Министерот за економија Ваљон Сарачини и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски вчера на полноќ го посетија граничниот премин Блаце за да се уверат дека се нирмализираше протокот на стоки, луѓе и услуги меѓу Македонија и Косово.
Косово го укина ембаргото за македонски производи, па автоматски беше тргната и влезната такса за косовските жители. Расчистени беа и блокадите од транспортерите од „Макамтранс“, кои шест дена седеа на Јажинце и Блаце.
- На мое огромно задоволство и официјално можам да кажам дека недоразбирањата помеѓу Косово и Македонија се надминати. Тоа значи дека отсега проткот на стоки, услуги и движењето на граѓаните од двете земји ќе се одвива непречено. Како што кажав и на почетокот, мој врвен приоритет беше изнаоѓање на решение и надминување на состојбата и тоа е постигнато како резултат на залагањата на двете влади, изјави Сарачини по посетата.
Сарачини истакна дека Косово и Македонија се значајни партнери и во интерес на двете земји е да ги јакнат своите односи и на политички и на економски план.