Марјан Ѓуровски: Членството во НАТО ќе го означи крајот на повеќе децениската македонска транзиција

НАТО е единствениот кохезивен проект кој ги обединува Македонците и Албанците во земјата, воедно тоа е стратешко прашање за кое има општ консензус кај сите релевантни политички партии во државата, вели во интервју за Прес24, универзитетскиот професор по безбедност, Марјан Ѓуровски и од тие причини, потенцира дека Република Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО.

-Воедно НАТО е предворје за ЕУ. Република Македонија не може да биде Швајцарија на Балканите поради тоа што ниту политички, ниту право, а најмалку пак економски ги исполнува условите да прогласи неутралност, а од друга страна истата да биде призната со меѓународен договор или обезбеди гарант на нејзината одлука и територијален интегритет. Посебни билатерани договори за стратешко партнерство по примерот на САД и Турција, можеа да бидат добра работа, но тие неможе да бидат никаква замена за евроатланските интеграции, ниту да претставуваат решение зошто сега процесот на целосно интегрирање во НАТО треба да трае  уште една година, односно најдоцна до крајот на 2019 година, вели Марјан Ѓуровски во интервју за Прес24.

Ѓуровски смета дека „погледот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва“ не е добра можност и шанса за граѓаните на Македонија, нагласувајќи дека стратешката одлука за членство во НАТО одамна е донесена од страна на Собранието на Република Македонија.

-Зошто досега никој не ја  отповика одлуката за членство во НАТО? Можеше  да се повлече апликацијата. Дали досега сме имале формална иницијатица, за да ја подржат 50+1 граѓаните на Република Македонија!?, вели универзитетскиот професор во интервјуто.

Ѓуровски вели дека во Македонија сè уште  се случува длабок внатрешен македонски судир околу тоа каква Македонија сакаме да градиме.

-Тој судир нема потенцијал да ја дестабилизира Република Македонија до ниво да се распаднат границите. Внатрешниот македонски судир има влијание врз нивото на демократија во земјата, бидејќи демократијата е веќе жртва на тој судир на концепти кој е многу пожесток во однос на другите транзициони држави. Тој судир на тие два профилирани јасни македонски концепти како понатаму да се развива државата, може да го закочи нашето напредување во демократијата следната деценија, со што се губи многу време, вели Марјан Ѓуровски, универзитетски професор на Факултетот за Безбедност

ПРЕС24: Овие денови е Самитот на НАТО во Брисел, но според најавите извесни се заклучоците за Македонија. Официјализирањето на поканата и процесот на ратификација на членството најверојатно ќе оди по целосна реализација на договорот со Грција. Може ли Македонија да биде задоволна од ваков развој на настаните, особено ако се земе предвид условниот датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ?

ЃУРОВСКИ: Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 23 декември  далечната 1993 година, донесе Одлука за стапување на Република Македонија во членство во Северно-атлантската организација – НАТО. Дури 25 години подоцна ќе ги отпочнеме пристапните преговори за членство во НАТО со што ќе се означи крајот на повеќе децениската транзиција на Република Македонија, а до крајот на 2019 година македонското знаме треба да биде кренато во седиштето на НАТО во Брисел.

НАТО е единствениот кохезивен проект кој ги обединува Македонците и Албанците во земјата, воедно тоа е стратешко прашање за кое има општ консензус кај сите релевантни политички партии во државата. Република Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО. Воедно НАТО е предворје за ЕУ. Членството во Алијансата е цивилизациска придобивка, претставува  чест и привилегија, но и обврска. Ние како да заборавивме во извршувањето на домашните задачи, тие треба да се нашата предност, тоа е нашата влезница. Македонија се врати на надворешната политичка сцена, но тоа не е доволно.

Утре НАТО ќе ја покани Република Македонија да започне разговори за пристапување кон Алијансата. НАТО ја држи отворената врата, за да ја заврши визијата за цела Европа, слободна и во мир. Отворањето на разговорите за пристапување денес е знак за напредокот што го постигна Република Македонија од својата независност до денес. Членството во НАТО ќе ја зајакне безбедноста и суверенитетот на Република Македонија. Најважно е Република Македонија да продолжи на својот пат кон реформите за одбранбената адаптација, за домашните реформи, особено владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и другите превземни обврски на исполнување на стандардите во Армијата на Република Македонија.

Од 1999 година, НАТО и Република Македонија тесно соработуваа преку Акциониот план за членство, кој им помага на државите да се подготват за идното членство. Утрешната одлука која ќе се донесе воедно ја одразува непоколебливата посветеност на Република Македонија на заедничките вредности и на меѓународната безбедност.

По пристапните разговори, следниот чекор ќе биде за сојузниците да потпишат Протокол за пристапување, по што откако сите сојузници ќе го ратификуваат Протоколот, Република Македонија ќе може да пристапи кон Вашингтонскиот договор и да стане 30-та членка на Алијансата веројатно до крајот на 2019 година.

НАТО не присилува ниту една земја да се приклучи кон неа. И оваа покана за Република Македонија не е насочена против никого. Тоа е за нашата заедничка безбедност. Република Македонија слободно го избра својот пат како суверена држава. Напредокот што го направи Република Македонија, исто така, помага да се отвори патот за членство во НАТО, а подоцна и кон ЕУ. Земјите на НАТО и ЕУ се заедница на современи демократии. Ги делиме истите вредности. И девет од секои десет граѓани на ЕУ живеат во земја на НАТО. Заедно, отворената врата на НАТО и проширувањето на ЕУ имаат напредна безбедност и стабилност низ цела Европа и придонесоа кон визијата за цела Европа, слободна и во мир.

Ова не е крај на патувањето за Република Македонија, туку почеток на нова фаза. Процесот на пристапување кон НАТО е предизвик. Таа бара континуирани реформи, особено за понатамошно зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата. Со оглед на силната заложба што досега ја покажа, Република Македонија ќе мора да продолжи да го прави она што е потребно и да го заокружи процесот со донесување на болни одлуки.

Членството на Република Македонија исто така ќе придонесе за НАТО. Тоа уште повеќе ќе ја зајакне безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, регион кој долго време беше заробен од нестабилност и конфликт.  

Светот денес е повеќе непредвидлив отколку што беше многу децении. Но, кога сојузниците на НАТО се здружуваат во солидарност, ние како држава ќе бидеме посилни. Основачкиот договор на Алијансата вели дека нападот врз еден е напад врз сите нас. Повеќе децении, НАТО е одговорна за сигурно ниво на безбедност во Европа. По неколку векови на конфликт, НАТО им даде на своите членки стабилност и доверба што им е потребна да растат и да напредуваат. Членството во НАТО ќе ја направи нашата земја побезбедна, тоа ќе биде добро за сите нас, тоа ќе биде добро за Европа, и тоа ќе биде добро за  самата Алијансата.

Инаку НАТО и ЕУ во Република Македонија се мит според искажаното јавно мислење на граѓаните. Тие доволно не се запознаени што е НАТО и што се добива? Од 1993 година до денес поддршката изнесуваше 90 проценти поддршка кај граѓаните, тој процент е невозможен кај најголемиот број држави и претставува потврда дека граѓаните не се доволно информирани за НАТО. Во последните три години опаѓа поддршката, но ние и понатаму сме шампиони во јавната поддршка од сите 29 членки на НАТО, бидејќи нема никој повисока поддршка, кај нас сега над 65 проценти се за НАТО. Процентот кој се изјасниле на анкетите за испитување на јавно мислење денес е доволен, Црна Гора имаше околу 45 проценти.

Инаку Република Македонија не може да биде Швајцарија на Балканите поради тоа што ниту политички, ниту право, а најмалку пак економски ги исполнува условите да прогласи неутралност, а од друга страна истата да биде призната со меѓународен договор или обезбеди гарант на нејзината одлука и територијален интегритет. Посебни билатерани договори за стратешко партнерство по примерот на САД и Турција, можеа да бидат добра работа, но тие неможе да бидат никаква замена за евроатланските интеграции, ниту да претставуваат решение зошто сега процесот на целосно интегрирање во НАТО треба да трае  уште една година, односно најдоцна до крајот на 2019 година.

Погледот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност и шанса за граѓаните на Македонија. Стратешката одлука за членство во НАТО одамна е донесена од страна на Собранието на Република Македонија. Зошто досега никој не ја  отповика одлуката за членство во НАТО? Можеше  да се повлече апликацијата. Дали досега сме имале формална иницијатица, за да ја подржат 50+1 граѓаните на Република Македонија!?

Не постои земја членка на НАТО, зрели европски демократии да бараат одржување на референдум за да излезат од НАТО, зошто тоа после Брегзит не го бара Велика Британија? Исланд која е членка на НАТО, а нема војска не бара да излезе. Успех на сите досегашни влади е одлуката која ќе се донесе во Брисел за отварање на вратите на Алијансата, зошто секоја досегашна Влада на свој начин дала придонес. Оваа генерација политичари и сегашните граѓани одлучно треба да го понесат бремето и конечно да станеме дел од семејството на европски демократии и вредности. Секој треба да го свати моментумот во кој се наоѓаме  и да ја види големата слика на која денес има место за Република Македонија, а веќе утре незнам. Тоа е прашање со многу непознати кои не верувам дека може некој да Ви го одговори.

Во нашата јавност, со право се поставува и прашањето, дали нашата земја ќе има финансиска обврска кон НАТО и колку тоа би го чинело буџетот на Република Македонија? Кога на бел лист хартија ќе се стават бројките и обврските на Република Македонија кон заедничкиот буџет на НАТО, според утврдената методологија, членството на нашата земја во НАТО ќе ја чини од 2.400.000 евра годишно. Овде не влегуваат средствата испланирани во Стратегискиот одбранбен преглед за мисии во странство и за дипломатски и воени претставници во седиштето и командите на НАТО. Овие средства, секако, може да си ги дозволи нашиот буџет и да паднат на грбот на македонскиот даночен обврзник. Висината на средствата, што треба да ги уплатуваат земјите членки во секој од овие буџети, се пресметува во согласност со утврдени формули прифатени од сите членки на Алијансата. Како критериуми за пресметка на уделот на секоја земја во буџетите на НАТО во принцип служат: висината на бруто-домашниот производ остварен во земјата и куповната моќ на населението. Или, заедно во согласност со овие два параметра се пресметува таканаречената платежна способност на населението во согласност со која се утврдува и клучот за поделба на трошоците за функционирање на НАТО. Според апроксимативни пресметки, Република Македонија би учествувала со околу 0,20 % во трошоците на НАТО буџетите каде учествуваат сите членки, и 0,26 % во трошоците на другите буџети.

Што ќе добие за возврат е прашањето кое сигурно  секој си го поставува, а најмногу оној кој редовно ги плаќа македонските даноци. Членството во НАТО денес претставува привилегија и поголем респект во меѓународната заедница и во меѓународните институции и можност да се има поголемо влијание врз регионалната или врз пошироката меѓународна политика. Членувањето во Алијансата е неколку пати поевтино од членувањето во Европската Унија.   

ПРЕС24: Дали ваквите заклучоци на Брисел не се пораз на надежите дека со решение на спорот со Грција, евро-атланските интеграции ќе одат многу побрзо?

ЃУРОВСКИ: Независно од заклучоците од ЕУ ние треба како држава да возиме во двата правца и со 5 брзина кон Брисел, при тоа домашните задачи да не ги заборавиме, зошто прво треба да изградиме домашен, кредибилен демократски политички безбедносен систем, владењето на право, ако сакаме ефективна покана за членство во НАТО и почеток на преговорите со Европската унија. Не треба да заборавиме дека ЕУ и НАТО се две страни на меделата. Постои синергија меѓу НАТО и ЕУ. Инаку нам прво ни треба целосно владењето на правото, почитување на слободите и правата, институционална функционалност, начин како да се зајакнат домашните институции, законот да важи за сите. Некако како пак да создаваме наместо да ги решаваме домашните проблеми. Треба работите од дома да се преземат. Сега после Брисел треба да се вратиме на домашните задачи и да ја заокружиме подготовката на добар домашен правно-политички и безбедносен систем кој прво ќе служи на нас, а потоа на Северноатланската алијанса и ЕУ. Не смееме да ги заборавивме обврските. Оваа Влада доби мандат да раководи со Република Македонија за борбата против организираниот криминал и корупцијата. Сите ги очекуваат реалните и целосни резултати во реформите и економијата.

ПРЕС24: Како што одминува времето и се ближи датумот за референдум, така атмосферата во Македонија станува се понаелектризирана. Јасна е поделеноста на општеството во поглед на договорот со Грција. Сакам да ве прашам, какви се проценките за безбедносни ризици од ваква состојба?

ЃУРОВСКИ: Денес сè уште  се случува длабок внатрешен македонски судир околу тоа каква Македонија сакаме да градиме. Тој судир нема потенцијал да ја дестабилизира Република Македонија до ниво да се распаднат границите. Внатрешниот македонски судир има влијание врз нивото на демократија во земјата, бидејќи демократијата е веќе жртва на тој судир на концепти кој е многу пожесток во однос на другите транзициони држави. Тој судир на тие два профилирани јасни македонски концепти како понатаму да се развива државата, може да го закочи нашето напредување во демократијата следната деценија, со што се губи многу време.  Тој тип на судири и тензии може лошо да влијае на имиџот на земјата како потенцијална дестинација за инвестиции, што ќе придонесе за  фрустрации кај етничките Македонци, што може да доведе и до зголемување на емигрантските бранови, значи до ново иселување на Македонците од Република Македонија.

ПРЕС24: Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека постојано добивал закани, колку тие закани можат да бидат сериозни за безбедноста?

ЃУРОВСКИ: Надлежните безбедносносни институции треба да ги имаат сите информации и потенцијални закани по секој граѓанин вклучително и за првите луѓе на државата и навремено ги превземаат прво сите превентивни активности на заштита и обезбедување.

ПРЕС24: Изминативе месеци повторно се активираат каналите за илегален премин на границата од мигранти од Африка и блискиот Исток. Можен ли е нов посериозен бран на бегалци?

ЃУРОВСКИ: Балканската рута на мигранти се обновува и е повторен безбедносен ризик. Проблемот со напливот на бегалците од Блискиот Исток е проблем на цела Европа, а не само на земјите од регионот на Југоситокот коишто се први на удар на бегалците. Глобалните миграциски прашања немаат фрагментарни решенија. Потребен е заеднички пристап кон решавање на овој предизвик. Неопходен е интензивен заеднички пристап во справувањето со предизвикот со бегалците, особено појавите на организиран криминал што произлегуваат од обидите за нелегална трговија со луѓе. Таквите појави само го зголемуваат проблемот, така што се дефинираат програми и мерки за заедничко справување со проблемот, особено со илегалната трговија со луѓе. Исправени се земјите пред голем предизвик, што не ги засега само партнерите од Западен Балкан, туку сите држави-членки на ЕУ. До крајот на 2017 година, повеќе од еден и пол милион луѓе пропатуваа по должината на Западен Балкан од Грција до Централна Европа како резултат на најголемите миграциски текови во овој век. Кризата со мигрантите откри недостаток на координација и комуникација меѓу соседните земји, бавни понекогаш и неефикасни политики, како и одговор од страна на Европската унија. Ова доведува до потреба од подобрување на соработката, чекор до консултации меѓу земјите по должината на трасата и изградба на прагматична политика и оперативни мерки во Европа и Западен Балкан како понатаму да се справи со бегалците/мигрантската криза. Треба да се дефинираат можните решенија и политика, како и потенцијалните оперативни мерки за надминување на предизвиците и подобрување на соработката, координацијата и спроведување на националните цели и ЕУ политики за миграција и безбедност.

Нови предизвици во безбедноста во престојниот период се: верскиот радикализам како безбедносен предизвик за Европа и регионот; управувањето со движења на бегалци и ефикасна гранична контрола и значењето на соработката и размената помеѓу властите на соседните земји; политичката стабилност на секоја земја во регионот како предуслов за поефикасно управување со кризи и повеќе успешно справување со заедничките безбедносни предизвици; предизвици за дипломатија и одржувањето на добрососедските односи за поефикасни за прекугранична соработка и справување со заедничките безбедносни предизвици.

Податоците изнесени од унгарскиот премиер Орбан, дека низ регионот во наредните години ќе поминат 60 милиони мигранти, треба да се земат со внимание и да не се шпекулира со бројките. Земјите како Унгарија, Полска Чешка се покажаа како многу некооперативни кон овој проблем и поради тоа настанаа големи проблеми за Европа во справувањето со мигрантите. Балканската мигрантска рута сеуште е активна, иако има малубројни движења, но превентивно регионот треба да остане буден и да подготви заеднички одговор како во делот на безбедноста, така и за хуманитарниот аспект на кризата. Кризата со мигрантите откри недостаток на координација и комуникација меѓу соседните земји, бавни понекогаш и неефикасни политики, како и немање на навремен одговор од страна на Европската унија.  Сметам дека ниту регионот, нити ЕУ самата по себе не се доволно спремни да се справат во моментов со ваков тип на предизвици, секако тука причината е недостаток на вистинска воља. Тоа секако беше шок посебно за земјите од регионот секако и за ЕУ, но на некој начин тоа беше последица на веќе постоечки кризи кои што подолго време се провлекуват во ЕУ и регионот.  Движењето на бегалците ќе се стави под контрола доколку се одржуваат  добрососедски односи, се воспостави ефикасна гранична контрола и соработката помеѓу властите на соседните земји, политичка стабилност на секоја земја во регионот, а неопходно е и спроведување на националната политика за миграција и безбедност.

ПРЕС24: Европската Унија одлучи да бара бегалски кампови надвор од границите. Дали евентуален процес на враќање на бегалците ќе значи дека Македонија може да биде дел од тој процес? Владата демантира, но во јавноста се појавија информации за изградба на бегалски центри во Македонија. Можно ли е сепак Македонија да стане еден од тие бегалски центри? И дали поголема бројка мигранти стационирана во Македонија може да биде потенцијален безбедносен ризик?

ЃУРОВСКИ: Секуритизацијата на едно прашање како мигрантите во изминатиот период се покажа дека е несериозна авантура на дел од политичките актери. Кој од мигрантите кои ја поминуваа довчерашната рута Грција-Република Македонија-Република Србија-Хрватска, Унгарија или сегашната нова балканска рута Грција-Албанија-Црна Гора-Босна и Херцеговина сака да остане на Балканот, кој од мигрантите сака да остане во Република Македонија? Ние како држава согласно светските стандарди може да изградиме хуманитарни капацитети, но тие ниту се користеле ниту пак ќе се користат од мигрантите да останат кај нас. Нивниот сон и крајна цел е СР Германија, Шведска и други европски дестинации. Во државите од Балканот каде сопствените граѓани мигрираат, мислите ли дека некој сака да ја побара својата иднина. Шпекулациите за стационирање на мигрантите во Македонија некако ми наликуваат на приказната за волкот или т.н. баба рога за која многу одамна не заплашуваа како деца.

Немањето на заеднички пристап на земјите од Европската унија кон прашањето за мигрантите и воопшто немањето на заедничка стратегија за справување со безбедносните ризици и предизици создава проблеми, но Република Македонија содветно одговори на прашањето на мигрантите во изминатиот период и независно од ограничените ресурси и понатаму ќе биде на ниво на задачата да се обезбеди успешно нивно транзитирање кон дестинации кон која трганале и се побаруваат како работна сила или општества кои се подготвени да ги интегрираат имајќи ја во предвид нивната економска моќ.

ПРЕС24: Дали членството на Македонија во НАТО, може да ги изолира безбедносните ризици на Балканот, особено во ситуација кога прашањето на Косово, останува отворено?

ЃУРОВСКИ: Членството во НАТО-алијансата на земјите што пристапија во овој сојуз им донесе зголемување на странските инвестициски вложувања и во некои земји тие се зголемија тројно. Причините за ваквата пресвртница се лоцираа директно во политичко-безбедносната стабилност зад која стои Алијансата како гаранција дека капиталот и парите на инвеститорите се вложуваат во сигурен регион, во стабилна држава. Во последно време граѓаните, државите, регионалните и глобалните организации, несомнено тежнеат кон една заедничка цел, а таа е создавање на услови за подобрување на општата, но и личната благосостојба на граѓаните. За остварување на оваа цел, несомнено постојат редица фактори, од објективна и од субјективна природа, кои ја определуваат динамиката, ширината и временската рамка во која се остварува оваа цел. Едно станува сè појасно, а тоа е, дека нема остварување на оваа општа цел, без забрзан и одржлив економски развој и без траен и одржлив мир, како на локално и регионално ниво така и на глобален план.

Токму и тоа што сме ставени како регион на брзиот колосек кон Брисел говори за регионален пристап за решавање на отворените прашања од овој дел на Европа, на Западен Балкан. Прашањето за Косово кое го споменавме многу долго нема да остане статус кво со оглед на европските перспективи на Република Србија и нашите соседи од регионот. Заканите по безбедноста доаѓаат подалеку од границите, членство во НАТО може да не подготви во справувањето со заканите, но целосно неможе ништо да не заштити.  Развојот на капацитетите и размената на информациите овозможува справување со заканите. Ако Русија денес влијае на изборите во САД, Франција, нашата земја е изложена на потенцијален безбедносен ризик од асиметрични и хибридни закани. Земјите од Западен Балкан покрај заеднички проблеми имаме заеднички интереси.

ПРЕС24: Колку е големо руското влијание во Македонија и на Балканот, дали тоа може да биде безбедносен ризик?

ЃУРОВСКИ: Политичките кризи, регионалните тензии и состојбата на демократијата покажуваат дека постои зголемен ризик од нестабилност на Балканот. Мирот, демократските реформи и стабилноста на Балканот во последните две декади беа гарантирани од ветувањето за членство во Европската Унија и НАТО и од гаранциите за безбедност од САД и од НАТО. Двата столба на стабилноста пред одреден период беа ослабени и денес сведочиме на враќање во последните неколку години на геополитиката во регионот.

Процесот на ЕУ интеграциите, главниот мотор на реформи, не треба повторно да биде во криза. Во последната година, земјите од Западен Балкан постепено се приближуваа кон Европската Унија. Но, ЕУ повторно како да  станува преокупирана со политички, економски и финансиските свои проблеми. Во исто време, проширувањето на Унијата врз основа на изјавите на францускиот претседател како да станува повторно многу ригидно и врз основа на тоа постои опасност да не биде пак  во можност да одговори на предизвиците со кои е соочен регионот.

Моменталниот вакуум остава повеќе простор за Русија и Турција да ги искористат нивните историски, религиски и бизнис врски со регионот. На Балканот се гледа како на дел од западната сфера, кој сега може да се освои. Русија има добиено повидливо и деструктивно присуство во оваа сфера. Таа поддржува партии и организации кои се спротиставуваат на евро-атлантските интеграции и го поткопува процесот на интеграција во ЕУ. Нивното вклучување, пред се, е опортунистичко и доаѓа како резултат на слабоста на ЕУ, НАТО и на САД во регионот, отколку што е дел од некој нивен стратешки план.

Надворешниот контекст е драматично променет. Геополитиката ги зголеми влоговите во серијата локални кризи кои можат да ескалираат до одредено ниво. Досегашната статус кво состојба на Балканот и даде можност на трети земји, како Русија, Турција и Кина да остварат влијание врз регионот. Со членството на Црна Гора во НАТО, веднаш знамето на Русија се помести кон Република Македонија и имаме агресивно присуство на Русија преку различни организации и форми. Во Скопје како доаѓаат позитивните оценки за Македонија, така се повеќе се нервозни руските дипломати во Македонија. На едно од прашањата на младите до амбасадорот на Русија на дебатите во Скопје, дали можете слободно да заминете во Моска одговорот беше не, ќе ви треба виза за да ја посетите Русија, наспроти можноста на македонскиот граѓанин да го земе сопствениот пасош и да замине во било која европска држава каде сака да ја посети.

Руското влијание е повеќе од очигледно бидејќи сме сведоци на недипломатски изјави на официјални претставници на амбсадарот на Русија. Се наметнуваше темата дали во суштина при довчерашната статус кво состојбата за НАТО ние како држава и граѓани дали може да побараме и размислуваме за алтерантиви. Да, има алтернативи, но колку ти се квалитетни ако се земат во предвид демократските вредности, слободата на медиумите и отвореноста на европските пазари за Република Македонија, слобода, размена на размена на информации.

Русија нема традиција на силно влијание во Македонија. Неуспешниот обид за преврат во Црна Гора и вртењето на Србија кон ЕУ и западните врски покажува дека Русија засега нема успех, влијанието во Република Српска не е  доволно. Затоа Македонија е место каде што Русија сака да покаже дека има влијание во регионот.

Од друга страна влијанието културно, религиски и историски на Турција на Балканот може да претставува ризик после 5 до 10 години, како и ставот дека врз Босна, Косово и дел од Македонија има Турција апсолутно право на влијание.

Секоја соработка со Русија, Турција, Кина е добредојдена во економијата, трговската размена, соработката во земјоделието, но не и замена за стабилноста и демократските вредности кои ги дава НАТО клубот.

Позитивна вест за регионот е потпишаниот Договор меѓу Република Македонија и Република Бугарија за зајакнување на довербата во регионот и претставува фактор на стабилизација.

На Балканот се врати големата геостратешка игра и линија и црвените линии за кои претходно зборуваше американскиот потпретседател, американската администрација, добро е што Бугарија го врати Западниот Балкан на агендата на Еверопската унија која го имаше запоставено Балканот поради своите проблеми  и имаше технички однос и финансиките кризи и за жал преовлада мислењето на Франција и Холандија да се посветат на внатрешни реформи. Треба вистинско лидерсто, лидер шип недостасува на Балканот. Ние бевме оставени на вертрометина. Без покана во НАТО може да се вратат политичките кризи и дестабилизацијата на Балканот

 

 

 

10.07.2018 - 10:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега