Билјана Ванковска: Гласањето „против“ е замка што ја подготвува власта

 

Консултативноста на референдумот, според универзитетската професорка, Билјана Ванковска е јасен знак дека власта не му верува на народот, но и дека во својата ароганција е подготвена не само да го крши уставот, туку и да носи конечни (историски одлуки од национално значење) на своја рака, и од тие причини, Ванковска смета дека за граѓаните, подобро е да не учествуваат во фарса, во која ним им е доделен статус на статисти.

-Гласањето „против“ е токму онаа замка која ја подготвува власта, која уште сега им се заканува на сите кои се на таа страна на „равенката“, нарекувајќи ги криминалци, непатриоти, русофили, шизофреничари, и што се’ не. Како нормален човек да се изјасни за три варијабли (НАТО, ЕУ и Договор со Грција за промена на името), кога од таквата равенка произлегуваат осум можни одговори (на пример, не за НАТО, да за ЕУ, и не за Договорот, итн. - направете ги лесно сите можни комбинации), вели професорката од Филозофскиот Факултет, Билјана Ванковска во интервју за Прес24.

-Знам многу луѓе кои приватно велат „би прифатил/а име Северна Македонија, ама овде не станува збор само за името, туку за деноминација и фактичка забрана да се користи атрибутот „македонски“ во секоја сфера на јавниот живот! Слаба утеха е што по дома ќе сме зборувале македонски или ќе сме се именувале Македонци, кога јавната сфера е ставена на располагање на надворешна власт. Тоа е нешто што е тешко да го прифатат дури и големите поддржувачи на НАТО и ЕУ. Гледајќи каква не само недоветна, туку и насилничка кампања почнаа да водат, а и надворешните притисоци ќе се зголемуваат до септември, ми се чини дека отпорот ќе расте, а нема да се намалува. Тоа го знаат и тие, па затоа се „вадат“ на консултативен референдум. Мојата проценка е дека ќе биде неуспешен заради недоволна излезност - што, реално, е единствената опција на оние кои се спротивставуваат на ваквиот однос на власта, вели Ванковска во интервјуто.

Таа смета дека Премиерот веќе заслужува прекар на македонски Трамп:

-„Едно зборува наутро, сам себе се демантира до вечерта! Но, ова е премногу сериозно прашање за да го толкуваме со неговите лични слабости или отсуство на доблест и морал. Накусо ќе кажам, иако некому ќе му звучи националистички или патетично: ние сме натерани да прифатиме национален инженеринг во 21 век, да се откажеме од своите предци, од сите кои се бореле за слобода и независност, а историската наука да ја подложиме на ревизионизам сличен на оној кој го имало кај Сталин или во романот на Орвел („1984“). И да не се лажеме, придобивките и загубите од Преспанскиот договор не можат да се разгледуваат без да се има контекстот на внатрешните барања на Албанците, договорот со Бугарија, и претензиите на Албанија и Србија. За да добие рогови, Македонија ќе мора да ги изгуби не само ушите, туку и здравиот разум и да се подложи на лоботомија, вели професорката.

Ванковска вели дека однесувањето на Власта јасно покажува дека Македонија станува полициска држава посочувајќи ја последната реакција на владејачката партија за гостувањето на двајца универзитетски професори на програмата на националниот сервис.

-Го прочитав соопштението на СДСМ по повод празничната програма на МТВ во која гостуваа двајца универзитетски професори и навистина сум шокирана до каде може да оди цензурата и гушењето на мислата: владејачка партија изјавува дека двајцата гости зборувале против стратегиските цели на државата? Јас пораснав во „комунизмот“, но на ваква страшна цензура не се сеќавам! НАТО и ЕУ не се ни светиња, ни предмет на обожавање - тоа се организации создадени со одредени цели и во даден историски контекст, имаат добри и лоши страни, но нивната вредност не може да се наметнува како поважна од човековата слобода, вклучително и правото да не се согласува со „државните цели“, вели Ванковска.

 Во поглед на однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, смета дека оваа партија „се бори да преживее како партија, а за државните работи не само што нема сила, туку е подготвена и на колаборација само за да „куртули“ од судски прогон и нерелевантност“.

-Тие си знаат со што се соочуваат, но јасно е дека со ваквата нејасна позиција по прашањето на кое владееја со години сега си ја сечат гранката на која седат (да потсетам, тие во свое време речиси го киднапираа патриотизмот и одбраната на името, па си создадоа лажен ореол дека само тие се бранители). Празниот простор го исполнуваат нови сили, видливи и невидливи, а ВМРО-ДПМНЕ - заедно со СДСМ - тоне во пасокизација, губење на јавната поддршка и кај најверните поддржувачи, вели Билјана Ванковска, универзитетски професор во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Парламентарното мнозинство го распиша Референдумот, тој ќе се одржи на 30 септември. Засега освен власта, која ќе има кампања, на терен се појави и некое неформално граѓанско организирање „Бојкотирам“. Прво сакам да Ве прашам, дали бојкотот на Референдумот е најсоодветното решение против договорот со Грција, со оглед на тоа дека Премиерот најави дека институциите ќе ја понесат одговорноста ако Референдумот биде неуспешен. Образложението е дека уставните експерти така го толкувале Законот?

ВАНКОВСКА: Првото и најважното прашање кое треба сите да си го поставиме, а Уставниот суд е повикан да одговори на него и по службена должност е: како е можно во правна држава да се дозволи распишување на референдум спротивно на словото на Уставот и законот. Тоа е прашањето над сите прашања! Но, деновиве неретко ќе чуете крици: „аман веќе од правото и од правниците!“, „некои прашања не се решаваат со правни средства“, или „и јас сакам да сум легалист, ама во оваа држава не важи законот“. Со неправо сакаат како алхемичари да создадат нова, правна држава. Сакам да ви кажам дека одлуката за распишување референдум е неуставна и не би смеела да произведе правни ефекти. Друг аспект е оној за политичката целисходност, легитимитетот што ќе произлезе од неговото спроведување и сл. Нема демократија доколку легалитетот не оди рака под рака со легитимитетот. Одлуката, видот на референдумот (консултативен) и прашањето на кое треба да одговорат прашањето се подеднакво скандалозни од правен аспект, и неверојатен е молкот на уставните експерти (со ретки исклучоци). Всушност, Зоран Заев си има „свои“ уставни експерти кои можат да му аминуваат се’ што ќе посака, па оттука и недовербата кај јавноста.

Премиерот веќе заслужува прекар на македонски Трамп: едно зборува наутро, сам себе се демантира до вечерта! Но, ова е премногу сериозно прашање за да го толкуваме со неговите лични слабости или отсуство на доблест и морал. Не знам од каде да почнам со анализата што е се’ не е во согласност со уставот, но накусо: прво, уставот не познава консултативен референдум; тој експлицитно кажува дека одлуката на референдумот е задолжителна за Собранието. Второ, прашање кое се однесува на членство за влез во НАТО и ЕУ (без оглед што воопшто не сме ни поканети формално во овие организации) мора да се подведе под чл. 120 од Уставот, каде се бара да се одлучува со двотретинско мнозинство, а успешен е референдумот на кој позитивно се изјасниле повеќе од половината на гласачите регистрирани во избирачкиот список. Трето, референдумското прашање е манипулативно и наликува повеќе на реклама за шампон за коса или кафе одошто на прашање соодветно за непосредно изјаснување на граѓаните. И четврто, не можеме да се изјаснуваме за договор кој не е ни ратификуван (тој е правна фикција се’ додека не се објави во Службен весник на РМ, а тоа очигледно нема да се случи до 30 септември).

Не знам кој стои зад движењето #Бојкотирам, но јас лично немам намера да излегувам на референдум кој е спротивен на Уставот, а и кој е спротивен на секаква правна и политичка логика: како може да биде „консултиран“ народот, т.е. суверенот/владетелот, оној од кој произлегува Собранието? Ова ќе биде најскапото испитување на јавното мислење, особено кога владата уште сега најавува дека нема намера да го почитува тој став.   

ПРЕС24: Ако не успешен Референдум, според власта значи отворен пат за одлуките да ги носат институциите, тогаш не е ли посоодветен одговор на тоа, наместо бојкот масовно гласање „против“ на денот на Референдумот. Во таква ситуација власта тешко дека би се осудила да носи одлуки спротивни на едно огромно мнозинство?

ВАНКОВСКА: Како што веќе реков, консултативниот карактер на референдумот го прави токму тоа: им дава алиби на елитите дека го прашале, консултирале народот, за потоа да го направат она што веќе го наумиле. Консултативноста на референдумот е јасен знак дека власта не му верува на народот, а дека во својата ароганција е подготвена не само да го крши уставот, туку и да носи конечни (историски одлуки од национално значење) на своја рака. За граѓаните, затоа, подобро е да не учествуваат во фарса, во која ним им е доделен статус на статисти. Гласањето „против“ е токму онаа замка која ја подготвува власта, која уште сега им се заканува на сите кои се на таа страна на „равенката“, нарекувајќи ги криминалци, непатриоти, русофили, шизофреничари, и што се’ не. Како нормален човек да се изјасни за три варијабли (НАТО, ЕУ и Договор со Грција за промена на името), кога од таквата равенка произлегуваат осум можни одговори (на пример, не за НАТО, да за ЕУ, и не за Договорот, итн. - направете ги лесно сите можни комбинации). Власт која не почитува устав, нема да почитува ни волја (еве, негативно изразена) на граѓани на консултативен референдум. Кога би била чесна (а не е, дури и по други прашања како рудникот Иловица, Водно, инвестициски фондови, вработувања, пропаганда, итн.) - власта ќе распишеше задолжителен референдум, и ќе поставеше едноставно прашање „Дали сте за Договорот потпишан меѓу Димитров и Коѕијас?“. Иако, еден мој американски колега, врвен професор по меѓународно право, се фати за глава кога го прочита договорот и ме праша: како е можно граѓаните да се изјаснат на референдум за текст од 20 страници кој практично значи аншлус?

Да се разбереме: овде не станува збор дури ни за промена на името од Република Македонија во Северна Македонија, туку за договор во кој земјата се подведува во зависна позиција во однос на странска држава, се’ додека е на сила договорот. Мислам дека граѓаните треба ова да го разберат и да не бидат наивни за да веруваат дека ако масовно кажат НЕ, власта тоа ќе го почитува.

ПРЕС24: Ве прашувам, заради суштината на крајната цел на оние кои се определуваат за бојкот, а тоа е дали таа е да се спречи договорот со Грција, или пак да се префрли целата одговорност на сегашната власт?

ВАНКОВСКА: Лично, отсекогаш сум мислела и сум пишувала за тоа дека владејачките елити (тие на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, заедно со ДУИ) идејата за референдумско изјаснување ја извадија само за да се амнестираат од одговорност себе си. Бидејќи, едно е ако одредена политичка гарнитура донесе (лоша) одлука, а сосема е друго ако товарот на (историската) одговорноста перфидно му се пренесе на обичниот човек. Потоа, во вториов случај, тие се „чисти“, зошто народот се изјаснил. Тоа го сакаат и странците, бидејќи и во иднина секогаш ќе можат да кажат „вие сами одлучивте да се преименувате и тоа на најдемократски начин“. Но, поради начинот на кој се водеа преговорите, и особено поради скандалозната содржина на договорот (во кој името е можеби и најневажната работа, ако се земе целиот пакет во контекст), сега им се случува ги зачуди и исплаши. Според мене, власта мора да ја преземе одговорноста за исходот на целиот процес, од најмалку две причини: прво, промената на името (со опсег erga omnes во внатрешниот поредок, заедно со уставни промени кои ќе треба да ги овери грчкиот парламент) никогаш не биле дел на нивната изборна програма, така што излегуваат од политичкиот мандат кој го добиле (без оглед на нивната очекувана мантра за „НАТО и ЕУ како стратегиска цел“. Второ, тие мора да понесат одговорност за текот на целиот процес, а ако референдумот биде неуспешен поради неисполнување на цензусот, излезноста од 50%+1, најлогичен излез би биле предвремени избори.

ПРЕС24: Мислите ли дека мнозинството граѓани во Македонија се против договорот со Грција?

ВАНКОВСКА: Бидејќи на испитувањата на јавното мислење едвај може и да им се верува, останува само личното чувство, а моето ми вели дека од ден на ден се зголемува отпорот кај граѓаните, дури и во редовите на поддржувачите на власта. Таа, имено, прво ги изневери сите други ветувања, а сега на најбескрупулозен начин се обидува да изврши притисок врз граѓаните, со пропаганда и застрашување. Што се однесува до Договорот со Грција, тоа е текст којшто тешко може да го изанализираат и врвни експерти по меѓународно право, бидејќи освен делот за „стратегиското партнерство“ (што е зашеќерена обланда и ништо повеќе, за полесно да се проголта), се’ друго произведува далекосежни последици, и ситуација во која Грција ќе може да ја тужи државата дури и ако, на пример, универзитетот ми објави учебник во кој ќе пишувам за македонскиот политички систем. Знам многу луѓе кои приватно велат „би прифатил/а име Северна Македонија, ама овде не станува збор само за името, туку за деноминација и фактичка забрана да се користи атрибутот „македонски“ во секоја сфера на јавниот живот! Слаба утеха е што по дома ќе сме зборувале македонски или ќе сме се именувале Македонци, кога јавната сфера е ставена на располагање на надворешна власт. Тоа е нешто што е тешко да го прифатат дури и големите поддржувачи на НАТО и ЕУ. Гледајќи каква не само недоветна, туку и насилничка кампања почнаа да водат, а и надворешните притисоци ќе се зголемуваат до септември, ми се чини дека отпорот ќе расте, а нема да се намалува. Тоа го знаат и тие, па затоа се „вадат“ на консултативен референдум. Мојата проценка е дека ќе биде неуспешен заради недоволна излезност - што, реално, е единствената опција на оние кои се спротивставуваат на ваквиот однос на власта.

ПРЕС24: Она што засега остава впечаток на збунетост е односот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во поглед на Референдумот. Јавно тврдат дека договорот е лош, штетен за националните интереси, но партијата се уште нема конкретен став што на денот на Референдумот? Не јасно е и дали опозицијата ќе има некоја контра кампања. На што се должи тоа?

ВАНКОВСКА: Власта и нејзините гласноговорници се обидуваат на ВМРО-ДПМНЕ да му ја накалемат тезата дека наводно повикува на бојкот, што е невистина. Всушност, огромниот дел од јавноста е збунет од однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, особено оние кои од нив очекуваа да бидат вистинска опозиција. Мојата проценка е дека ВМРО-ДПМНЕ се бори да преживее како партија, а за државните работи не само што нема сила, туку е подготвена и на колаборација само за да „куртули“ од судски прогон и нерелевантност. Тие си знаат со што се соочуваат, но јасно е дека со ваквата нејасна позиција по прашањето на кое владееја со години сега си ја сечат гранката на која седат (да потсетам, тие во свое време речиси го киднапираа патриотизмот и одбраната на името, па си создадоа лажен ореол дека само тие се бранители). Празниот простор го исполнуваат нови сили, видливи и невидливи, а ВМРО-ДПМНЕ - заедно со СДСМ - тоне во пасокизација, губење на јавната поддршка и кај најверните поддржувачи. Во крајна линија, тоа можеби и не е лоша работа, ако се сетиме дека токму овие две партии се најодговорни за она што ѝ се случува на земјата, од сферата на социјалата, па до екологијата, статусот на неолиберална колонија и протекторат без перспектива). Според мене, ние веќе немаме опозиција во парламентот - најголемата пратеничка група глуми опозиција, додека и самата учествува во делење на колачот (буџетското финансирање на партиите, од кое тие добиваат најмногу), но е и сведок и соучесник во дерогацијата на целиот уставен поредок.

Опозиција, за мене, се социјалните движења, граѓаните, разните групации и вонпарламентарните партии. Што се однесува до кaмпањата, законот вели дека иницијаторот на референдумот може да води кампања, но апсурдот е овде што иницијатор е државата/власта, па таа со наши пари ќе не’ убедува да излеземе на незадолжителен референдум (за што ќе потроши 3,5 милиони евра!!), додека сите кои се на другата страна немаат ни средства, ни помош, се имаат само самите себе да се самоорганизираат против ова организирано структурно насилство.  

ПРЕС24: Прашањето на Референдумот некако беше очекувано. Многумина оценуваат дека врзувањето на членството со НАТО и ЕУ е обид да се изманипулираат гласачите. Но, сепак на секому веројатно му е јасно што е примарниот одговор на тоа прашање, а тоа секако е договорот со Грција. Од тој аспект колку е оправдана тезата на опозицијата дека прашањето не е добро?

ВАНКОВСКА: Дојдовме во ситуација во која референдумското прашање е тотално нерелевантно! Битно е што референдумот не ја обврзува власта и битно е што е распишан со флагрантно кршење на уставот и законот. Што се однесува до НАТО и ЕУ, најголемиот апсурд кој се обидуваат да им го продадат на граѓаните е дека нивната волја на референдум ги обврзува оние во Брисел! Небаре тие само чекаат да ги обереме на референдум за да не’ примат! Уште пострашна замена на тези е дека името е проблемот зошто имаме некадарна власт, лоша администрација, коруптивна економија или подстандардно образование! Нонсенс! Реално, членството во НАТО е поверојатна опција од геополитички причини (но, која најрано и во најидеален случај би се остварила во 2020 година), но влезот во ЕУ е нешто за што ќе бидат потребни најмалку десет години. Притоа, оние кои последни влегоа во ЕУ тоа го опишаа како кога некој тргнал на забава ама стасал таман навреме за погребот (Пуховски за Хрватска).

Согласно уставот, и за членство во НАТО и во ЕУ не смее да се организира консултативен референдум, туку согласно член 120 ќе мора и одлуката да се донесе со двотретинско мнозинство, а ќе се смета за донесена кога за неа позитивно ќе се изјаснат 50%+1 од вкупниот број гласачи (значи, преку 900 илјади граѓани). Од нас сега се бара да се изјаснуваме за сопствените желби и стратегиски цели, што би рекле Србите „рачун без крчмара“. Затоа, сите знаеме дека тоа не е прашањето, а реално, поради долгогодишното мантрање дека сами сме никакви и неспособни, па спасот е само во НАТО и ЕУ, а не во сопствените реформи, мнозинството граѓани навистина го посакува тоа. Сето ова е една голема лажга, бидејќи доволно е да ја видите социјалната трагедија и должничкото ропство во Грција, Бугарија, Романија за да сфатите дека ви продаваат ветер и магла. НАТО не ви носи социјална и економска благосостојба (особено кога имате тајкуни и клептократи на власт), туку некаква воена безбедност (иако ако го слушате Трамп, и иднината на НАТО не е веќе извесна). ЕУ страда од сопствена криза од друга природа, што се гледа во ксенофобијата, популизмот, свртувањето кон десно, и сл.  

ПРЕС24: Дали навистина овој избор е еднаков на онаа констатација на провладините експерти и новинари дека ако не си ЗА договорот со Грција, тогаш си ПРОТИВ ЕУ и НАТО? Ве прашувам и во контекст на ставовите на речиси сите светски политичари, меѓу кои и Орбан на пример, кои оценија дека единствениот пат на македонските евро-атлански интеграции води преку договорот со Грција?

ВАНКОВСКА: Тоа е обичен спин, што е работа на спинери и на пропагандисти кои на тој начин сакаат да извршат притисок врз веќе изморените, осиромашени и очајни граѓани, кои навистина во голем број веруваат дека самото членство во НАТО и ЕУ значи дека ќе потечат мед и млеко. Според логиката на реал-политиката, вистина е дека поради начинот на донесување одлуки во двете организации, правото на вето што го има Грција е голема пречка за интеграцијата на Македонија. Но, извртување на тезите е жртвата да се прикаже како виновник за злосторството! Или, со други зборови, македонскиот граѓанин е соочен со бескрупулозна уцена и инкцизициска политика според која ако си против религијата, светоста на НАТО и ЕУ, ти си всушност лош човек, кој ѝ мисли лошо на државата. Знаете ли колку алтернативни, особено левичарски движења кои се анти-НАТО и анти-ЕУ постојат во нивните земји членки? Тоа се вика демократија и слобода на избор! Знаат ли нашиве пропагандисти и „свештеници на култот на НАТО и ЕУ“ дека во Европскиот парламент постојат пратеници кои се платени и ги уживаат сите привилегии, иако нивната политичка филозофија е свртена кон националната сувереност и против постоењето на ЕУ? Па, и делови од Сириза се против НАТО? Бившиот грчки министер Варуфакис основаше европско движење за промена на ЕУ - од Европа на банкстери и корпорации во Европа на социјална правда? Па, ако сакате, и кај нас има една таква партија - Левица - со јасна анти-НАТО платформа. Тоа се легитимни позиции и никој не смее да ги гуши! Го прочитав соопштението на СДСМ по повод празничната програма на МТВ во која гостуваа двајца универзитетски професори и навистина сум шокирана до каде може да оди цензурата и гушењето на мислата: владејачка партија изјавува дека двајцата гости зборувале против стратегиските цели на државата? Јас пораснав во „комунизмот“, но на ваква страшна цензура не се сеќавам! НАТО и ЕУ не се ни светиња, ни предмет на обожавање - тоа се организации создадени со одредени цели и во даден историски контекст, имаат добри и лоши страни, но нивната вредност не може да се наметнува како поважна од човековата слобода, вклучително и правото да не се согласува со „државните цели“.     

ПРЕС24: Но има ли Македонија друга алтернатива, освен НАТО и ЕУ?

ВАНКОВСКА: Па, Македонија е конституирана како независна држава токму во рамките на таа друга „алтернатива“: ние ја живееме таа „алтернатива“, т.е. опстојуваме надвор од НАТО и ЕУ! Постојат и други такви држави кои тешко, ако и воопшто, станат членки на НАТО и ЕУ - земете ги примерите на БиХ, Косово, па и Албанија (во однос на ЕУ). Несфатливо е ако сопствената некадарност за да се преземат реформи или спречи корупција се презентира како последица на нечленувањето во овие организации! Или да го парафразирам колегата Венко Андоновски: се наметнува уверување дека ние не треба ништо да сториме за себе или дека сме тотално инфантилни, па затоа „НАТО ќе не’ брани, а ЕУ ќе не’ храни“! Нашата најважна „алтернатива“ не е надворешно-политичка, туку внатрешно-политичко устројување на начин соодветен за пристојна држава, и особено правна држава. Државите не одат никаде, тие се географски врзани за одреден простор, но се интегрираат заради остварување на одредени национални цели, а не за да ги продадат/изгубат своите витални цели. Со други зборови, наместо да имаме придобивки од интеграцијата, нам ни се дава непристоен предлог во кој прво треба да ги жртвуваме највиталните интереси, т.е. причината заради која постоиме како политичка заедница, за да сме се интегрирале во меѓународни организации! Тоа е превисока цена што не верувам дека друга држава и општество би ја прифатила.   

ПРЕС24: Што всушност губи Македонија со овој договор?

ВАНКОВСКА: Ги губиме правото на самооопределување како кација, она што е искористено во АСНОМ 1944 година! Ја губиме еднаквоста како меѓународно-правен субјект, прифаќаме третман каков што нема ниту една држава. Го фрламе во вода сето она што е досега изградено во меѓународните односи (како 137 признанија со уставно име). Македонија го губи својот уставен суверенитет и независноста, затоа што ќе се обврзе на толку многу нешта за кои Грција може секојдневно да не’ тужи пред Меѓународниот суд на правдата (иронично, токму оној кој ја најде Грција за виновна). Најболната работа е што се откажуваме од правото да креираме сопствен устав, бидејќи во крајна инстанца (по референдумот и уставните измени, ако до нив дојде) - последен збор имаат пратеници на туѓа држава! Што ако Ципрас не може да обезбеди мнозинство во грчкиот парламент или ја изгуби власта? Што ако на некои грчки пратеници им се чини дека уставот на Северна Македонија се’ уште има „иредентистички елементи“? Знае ли јавноста дека со сегашниот договор се откажуваме од преамбулата на уставот која се повикува на традициите на Крушевската република и АСНОМ, затоа што според Грција тие биле иредентистички настани? Не е проблем да се откажете од Александар (тоа е тој нонсенс на претендирање на некаква античка историја, или личности од времиња во кои и не постоеле народи и нации!). Грчката нација е конструкција (од 19 век), исто како што македонската е од почетокот на 20 век. Ете, ние во договорот им велиме: ние немаме ништо со Александар, а вие сте негови директни наследници - што е патетична балканска зделка, а во основа и неевропска и националистичка. Но, тука не губиме ништо, бидејќи историските цивилизации од минатото не припаѓаат никому и припаѓаат секому кој од нив црпи инспирација. На пример, знаете дека ЕУ се темели на митот на античката (грчка) демократија, што е само мит! Но, тогаш како може да Македонија да се бара да се откаже од Илинден (1903 и 1944)? Накусо ќе кажам, иако некому ќе му звучи националистички или патетично: ние сме натерани да прифатиме национален инженеринг во 21 век, да се откажеме од своите предци, од сите кои се бореле за слобода и независност, а историската наука да ја подложиме на ревизионизам сличен на оној кој го имало кај Сталин или во романот на Орвел („1984“). И да не се лажеме, придобивките и загубите од Преспанскиот договор не можат да се разгледуваат без да се има контекстот на внатрешните барања на Албанците, договорот со Бугарија, и претензиите на Албанија и Србија. За да добие рогови, Македонија ќе мора да ги изгуби не само ушите, туку и здравиот разум и да се подложи на лоботомија.

ПРЕС24: Долго време Ве немаше во медиумите, но вашите ставови јасно ги соопштувавте преку социјалните мрежи. Иако бевте критичар и на претходната власт, многу бргу заработивте етикети и од оние кои 11 години тврдеа дека се жртви на говор на омраза од претходната власт. На што се должи тоа?

ВАНКОВСКА: Да, се повлеков од медиумите по своја волја поради остро поделениот медиумски простор, говорот на омраза и дискредитација, бесполезноста на јавното настапување. Искрено, почнав да се чувствувам контаминирано од сето тоа негативно зрачење, а сепак како интелектуалец не можев да влијаам позитивно во било која насока. Притоа, се намножија толку „експерти“ што човек почнува да се прашува со кого и зошто воопшто би разменувал мисли, кога и онака гладијаторската публика повеќе сака надвикување и навредување, се пали на тоа кој кого го „направил масакр“ и слично. Сметав дека со пишаниот збор, во колумните и на Фејсбук можам да го кажувам она што го мислам на подостоинствен начин, и тогаш кога јас тоа ќе го сакам. Читам една моја колешка како деновиве се жали на вулгарни напади на Фејсбук (во приватни пораки), па од тоа излезе цела афера: ако почнам да ги бројам сите навреди кои ми ги имаат искажано (квази)новинари, видни интелектуалци или колеги (како Фрчкоски), до анонимни примитивци кои ми се заканувале по живот поради одредени ставови - тоа би било секојдневно „кукање и плачење“. Јас не сум на јавна сцена за да ме сакаат, туку за да го кажам она што го мислам без страв и принуда. Тоа е, за жал, амбиентот, и секој кој сака да зборува јавно мора да се носи со тоа без пренемагање и правење жртва од себе, или барање сочувство. Мизогинијата е широко распространета, но јас сум одлучила да не бидам жена кога сум на јавен простор и да не си ставам на душа. Зошто ме напаѓаат? Прво, затоа што тоа е тој ментален склоп кој сака да го казнува оној што знае или може повеќе (незнаењето не може да му прости на знаењето, пред некој ден ми напиша Венко, кој и самиот е предмет на линч за една брилијантна колумна). Нема култура на дијалог, секој секому му е непријател, особено ако се разликува во оние „светите“ нешта. Најбескрупулозни се секогаш оние кои одработуваат за власта, пи-арчиња како што ги нарекуваме сега. Но, навикната сум на тоа. за жал, наместо да се бориме за подобра клима за јавен дискурс и дијалог, ние се навикнуваме на калта и пизмата.

ПРЕС24: Како ја гледате Македонија по 30 септември?

ВАНКОВСКА: Периодот кој му претходи на 30 септември ќе биде дежа ву на она од 2004 година, ама во обратна насока. По малку е забавно да помислите дека оние кои од позиција на власт повикуваа на бојкот, сега од истата позиција ги навредуваат оние кои се решиле да бојкотираат. Мислам дека референдумот нема да помине, но кампањата ќе биде влакана и застрашувачка, бидејќи ја води власт која има благослов од меѓународните фактори да ја заврши оваа работа со Договорот - по секоја цена! Јас веќе искусив солзавец и шок-бомби, и начисто сум дека полициската држава е во раѓање - но се надевам дека нема да ѝ дозволиме да се размафта со сета сила. Мораме, зошто ако тука бидеме поразени, нема ни да биде важно дали ќе се викаме Република Македонија или Северна Македонија. Периодот по 30 септември до крајот на годината ќе биде тест за тоа дали можеме да опстоиме како правна држава или не.

ПРЕС24: Можни ли се сериозни безбедносни предизвици, со оглед на тоа дека општеството, граѓаните се екстремно поделени?

ВАНКОВСКА: Поделбите не се ништо ново, но точно е дека по вака емоционално прашање влоговите ќе бидат повисоки, делбите подлабоки. Затоа и веднаш по објавувањето на договорот напишав дека треба да почекаат со конфетите. Но, од друга страна, ова играње со страшни сценарија - од граѓанска или меѓуетничка војна, до напад на Марсовци - е дел на специјалната, пропагандна војна, и треба да ја игнорираме. Проблемите не ги создаде договорот (ниту ќе ги реши), ама создава контекст за нивна ескалација. Затоа, првенствено одговорност на власта е да се однесува разумно и согласно демократските стандарди. Ако не ѝ помине референдумот за кој агитира и вон законските рокови за кампања (тоа го видовме од премиерот на Илинден!), владејачкото мнозинство ќе има морална и политичка должност да излезе на предвремени избор

 

 

 

03.08.2018 - 12:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега