Бајбарс Алтунташ: Школата за млади лидери на претседателот Иванов треба да биде пример за светските лидери

Бајбарс Алтунташ е турски претприемач, претседател на Светскиот форум на бизнис ангели. Оваа организација ја прогласи Школата за млади лидери, лична иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов, за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година. По тој повод, претседателот Иванов го доби признанието „Најдобар светски лидер кој инвестира во нова генерација“.Алтунташ одржа предавање на 9. Школа за млади лидери, што се одржува во Струга.

Press24: Г-не Алтунташ, одржавте предавање на Школата за млади лидери. Што им порачавте на учесниците во вашето предавање?

Алтунташ: Моето предавање беше за лидерството за претприемачи. Успешната приказна во претприемачкото патување почнува со бизнис идеја. Но, по одредени фази, критериумите за успешност на приказната се менуваат. Потоа станува важно колку возвраќате на светот и според тоа колку му давате на светот, вие сте поуспешен. Оваа дефиниција не е компатибилна со дефицијата за успех во првичните фази. Но, лидерството не е во почетната фаза. Лидерството доаѓа по задачите на менаџментот. Како што рекол Умберто Еко - луѓето, поединците создаваат организации и потоа стануваат вработени во организациите што ги создаваат. Мислам дека Умберто Еко во овој контекст го дефинира начинот доколку не го изберете лидерскиот пат. Ако го изберете патот на лидерството, вие не сте работник во вашиот бизнис, туку сте лидер на вашиот бизнис. Ако на светските економии им требаат добри претприемачи со вештини, тогаш им требаат паметни претприемачи. Наоѓањето на паметни претприемачи или нивно пронаоѓање не е нешто што е лесно. Ако не создадете свесност за важноста за лидерството, тогаш некои од овие вешти претприемачи ги губат дел од своите вештини и продолжуваат како вработени во нивните компании. Оваа Школа има многу важна мисија, создавајќи ја свесноста за важноста на лидерството. Овие лидерски фази не се само иднината на овие луѓе, туку и иднината на економиите и земјите. Затоа, оваа Школа за млади лидери на претседателот Иванов ја гледам како многу важна иницијатива, не само за младата генерација во Македонија, туку и за младата генерација на светско ниво.

Press24: Дали препознавте потенцијал меѓу учесниците на Школата?

Алтунташ: Да. Нивните прашања го откриа нивниот потенцијал. Важна работа е да го претворите потенцијалот во реалност. Мислам дека ваквите иницијативи го олеснуваат пристапот до таленти за глобалните инвеститори. Секоја година има 40 учесници на Школата, а годинашната Школа е деветта по ред, што значи дека 360 високо квалификувани млади се на листата на Школата за млади лидери на претседателот Иванов. Ова е добра референтна точка за глобалните инвеститори кога доаѓаат во Македонија. Алумни асоцијацијата е многу важна точка преку која може да се допре до добри таленти во Македонија. Колку што знам, овие 40 умови се селектирани и постои процес на селекција за да се дојде на оваа Школа. Ако сакаме да ги видиме најдобрите 40 потенцијални лидери на иднината, тогаш ова е вистинското место.

Press24: Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, организација што ја предводите вие. Колку е важно да имаме ваков тип на обуки?

Алтунташ: Секоја земја треба да иницира ваков тип на школи, под покровителство на нивните лидери. Претседателот Иванов, заедно со поранешниот американски претседател Обама, е меѓу првите што покренал ваква иницијатива. Поранешниот американски претседател Обама во 2010 година го иницираше, го организираше и беше домаќин на Глобалниот претприемачки конгрес. Значи во исто време со првата Школа за млади лидери, која се одржа во 2010 година. Овие двајца лидери се фокусираа на претприемништвото и лидерството во исто време.

Школата за млади лидери не е само најдобар социјално одговорен проект во Европа, туку и најдобар пример за другите лидери, бидејќи лидерите знаат што е лидерство. Ако сакате да му возвратите на општеството, треба да почнете од работите што ги знаете најдобро. Има над 190 земји во светот. Зошто само еден лидер на една земја во светот се обидува да го пренесе практичното знаење на младите генерации? Мислам дека ова треба да биде проект што ќе им ги отвори очите на другите лидери.

Press24: Кое е главниот совет што им го давате на младите претприемачи?

Алтунташ: Денес зборот претприемништво го гледаме и го користиме многу почесто отколку пред 20 години. Кога јас бев студент, не се сеќавам дека користевме зборови како претприемач, или старт-ап, во нашата литература. Ова се нови зборови кои доаѓаат во нашата дневна употреба. И ќе ги користиме повеќе, бидејќи популацијата се зголемува во светот. Бројот на образовани луѓе се зголемува, а употребата на информатичката и мобилната технологија расте. Ова значи дека помалку луѓе ќе работат во туристичките агенции, бидејќи луѓето се повеќе ќе прават резервации преку интернет. Помалку луѓе ќе работат во банките, бидејќи секој ќе може да прави трансакции преку интернет. А од друга страна, популацијата се зголемува, бројот на високообразовани се зголемува. Мислам дека треба да се фокусираме на паметно претприемништво. Ова е пораката што ја дадов. Сега секој треба да создаде бизнис идеа и да се фокусира на почнувањето на бизнис како алтернатива на нивните планови за регрутирање луѓе. Секој ден е се потешко да се најде работа. Секој ден се повеќе говориме за инвеститори кои размислуваат како се да направат онлајн, преку мобилната технологија. Тоа ќе влијае на начинот на кој се регрутираат луѓе. Можеби програмерите во моментов имаат повеќе среќа од другите. Дури и при наједноставниот бизнис-план треба да вклучите програмирање. Иднината на регрутирањето ќе биде попречувана од технологиите во развој, и дигиталната трансформација на корпорациите ќе ги менува потребите за квалификации на луѓето за економиите. Можеби универзитетите ќе треба да ги ревидираат програмите, можеби курикулумите ќе бидат ревидирани и ќе бидат прилагодени на потребите на новиот век.

 

 

 

30.08.2018 - 12:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега