Бошковски: Иднината на енергетиката е во утврдените и потенцијалните резерви на јаглен

 

Според генералниот директор на АД „Електрани на Македонија, Дејан Бошковски, иднината на енергетиката во Република Македонија е во веќе утврдените и потенцијалните резерви на јаглен, доколку се има предвид податокот дека повеќе од 80 проценти од електричната енергија се добива од термоцентралите.

Тој во своето обраќање пред учесниците на балканскиот конгрес од областа на рударството „Балканмајн 2013“ што се одржува во Охрид, истакна дека со спроведените регионални и детални геолошки истражувања во Македонија се утврдени повеќе од дваесет наоѓалишта и локалитети на јаглен со различни потенцијали, квалитативно - квантитативни параметри и степен на геолошка истраженост.  Како локалитети со поголеми рудни резерви од јаглен ги посочи Пелагонискиот, Кичевскиот, Мариовскиот, Скопскиот и Тиквешкиот басен, а со помали рудни резерви Делчевскиот, Беровскиот, Струшкиот и Преспанскиот басен.

- За нивното користење потребно е да се обезбедат реални квалитативно-квантитативни параметри, дефинираност на техничко-технолошките можности за нивниот приоритет на експлоатација, потребните инвестициски вложувања со економска валоризација и намалување на производните влијанија врз животната средина, истакна Бошковски.

Бошковски истакна дека во рамки на развојната политика на ЕЛЕМ за навремено обезбедување на експлоатациски резерви на јаглен, систематски се преземаат соодветни активности за доистражување на потенцијалните наоѓалишта за експлоатација на јаглен, посочувајќи ги истражувањата на јагленото наоѓалиште „Мариово“.

За јагленовото наоѓалиште „Мариово“ ЕЛЕМ во текот на 2009 и 2010 година изврши доистражување и изработка на елаборати, врз чија база е изработен Главен рударски проект за експлоатација на јагленот од тоа наоѓалиште преку подземна експлоатација.

- Отпочнувањето со работа на рудникот за јаглен со подземна експлоатација „Мариово“ би било реална основа и добра перспектива за излегување на овој крај од долгогодишната пасивност и раселување, истакна Бошковски.

Што се однесува до  проектот за истражување на јагленовото  наоѓалиште „Живојно“, АД ЕЛЕМ веќе има инвестирано над  3,5 милиони евра за геолошки и геотехнички доистражувања и испитувања. Истражувањата се завршени во март годинава,  а  со  изработката на Елаборати за рудните резерви и нивната ревизија веќе е заокружен процесот на доистражување на локацијата погодна за нов рудник за јаглен, инаку, проценет како неопходен за продолжување на животниот век на РЕК Битола.

- Ова наоѓалиште ќе биде уште еден потенцијален рудник во Македонија каде јагленот ќе се вади со примена на подземна технологија за експлоатација. По ревидирањето на Елаборатите од деталните геолошки доистражувања, количината од геолошките рудни резерви на јаглен со кои ЕЛЕМ ќе може да располага од наоѓалиштето „Живојно“ изнесуваат 101,6 милиони тони јаглен, истакна Бошковски.

Тој додаде дека согласно сегашните проценки, во тоа наоаѓалиште ЕЛЕМ планира да инвестира околу сто милиони евра, а реализацијата би започнала после изработката на  Главниот рударски проект чија изработка би траела околу две години. 

20.09.2013 - 10:27

најчитано сега