Приведени девет лица за престрелката во Куманово - ќе се врши обдукција на починатиот
По наредба на јавен обвинител обезбедени се траги од местото, пронајденото ладно оружје и испуканите чаури. Претстои нивно вештачење кое ќе даде потребни податоци и докази за натамошниот тек на кривичната постапка. Издадена е и наредба за вршење обдукција на починатото лице, соопшти Јавното обвинителство.
Деветмина учесници во оружената престрелка се лишени од слобода. Постои сомнение дека во кривично правниот настан учествувале уште неколку лица. Во насока на утврдување на фактите во предметот, јавниот обвинител во континуитет презема дејствија. Од Јавното обвинителство наведуваат дека престрелката била ескалација на меѓусебните недоразбирања и повеќемесечно нетрпение меѓу две семејства. Нивните меѓусебни расправии, како и претходна тепачка со телесни повреди била веќе предмет на постапување на органите на прогонот.
– Синоќа околу 18:30 часот членови на едно од семејствата се движеле по улицата „Тоде Мендол“ во близина на маркетот „Арди“ во Куманово. Во тој момент биле пресретнати од членови на второто семејство по што започнала физичка пресметка меѓу нив. Во инцидентот било употребено огнено и ладно оружје, а како последица на тоа едно лице се здобило со животно-загрозувачки повреди и починало, а на друго лице му била нанесена убодна рана од нож, соопшти Обвинителството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа