Арсовски: Новиот закон за финансирање на единиците на локална самоуправа отвора сомнеж за нов мултимилионски скандал

Новиот закон за финансирање на единиците на локална самоуправа кој Владата се обидува да го протурка по скратена постапка отвора сомнеж за нов мултимилионски скандал, истакна на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека станува збор за 50 милиони евра кои ќе се делат под сомнителна методологија и субјективни критериуми.

-Фактите говорат дека најдолемиот дел од долговите на општините се стари и отпаѓаат на каматите, а не на главнината.  Зошто тогаш владата не формира тим кој би преговарал со најголемите субјекти на кои општините им должат и тој тим да се обиде да договори целосен или делумен отпис на каматите? Вакви искуства има во минатото. На тој начин ќе покажеше СДСМ дека не се работи за скриени бизнис намери. Веќе се говори дека владата со ваквото законско решение отвора можност да договора 50-50 поделба на парите, кои што граѓаните ќе им ги платат на овие фирми на име на долгови на општините. Оттука ВМРО-ДПМНЕ смета дека постојат сериозни основи дека се подготвува уште еден срамен грабеж и затоа предлагаме владата наместо да ги дели парите од ракав, да формира комисија и да преговара за отпис на долговите со фирмите. Уцена на фирмите да исплатат пола од вратените пари во нечиј џеб е неприфатлива за никого. Дали тоа ќе биде критериумот кој ќе одлучи на која од две фирми што исполнуваат услови ќе и бидат вратени парите?, прашува Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека Законот кој го прави однародената и криминогена власт е неморален.

-Тој значи амнестирање на недомаќинското трошење како во случаите на општина Охрид која од времето на градоначалникот Аце Петрески од СДСМ има долг од над 971 милиони денари, или општина Тетово со долг од скоро 919 милиони денари, или Куманово со долг од 233 милиони, или Струга со долг од над 262 милиони или Чаир со 138,5 милиони и слично. Само овие четири општини должат над 2,5 милијарди денари. Владата предводена од Заев нема никаква економска стратегија, ниту слух за потребите на граѓаните. Овие 50 милиони евра кои сега ќе ги пренамени на општините нема да бидат додадена вредност. На сметка на тоа ќе крати во проекти за инфраструктура, образование, здравство, земјоделство стандард на граѓаните и така натака. Така наместо битолчани да дишат почист воздух, сега тие ќе плаќаат затоа што општина Куманово акумулирала долгови. Штипјани наместо нова клиничка болница парите ќе ги дадат за порамнување на долговите направени од општина Охрид и од Аце Петрески. Наместо надоместокот за трето дете, парите ќе се пренаменат за покривање на долговите на Тетово. Наместо нови учебници кои родителите сами ги купуваат тие уште од освој џеб ќе го плаќаат долгот на Струга, наместо студентски дом ќе се покрива долгот на Чаир и уште десетици и стотици други горливи проблеми и теми на граѓаните, вели Арсовски.

Тој додава дека со ваквата сомнителна трансакција нема локалната самоуправа да се направи поодговорна. Напротив, посочува Арсовски, со ваквата мерка владата директно стимулира неработење недомаќинско трошење.

-Оттука се поставува прашањето зошто распределбата се прави под критериуми кој е колку должен и на тој начин со средства од граѓаните се наградуваат помалку успешните. Со овој предлог на Владата нејасно е зошто на општина Тетово и се даваат 919 милиони, а Штип само 8,3 милиони, зошто Сарај добива 93 милиони, а Валандово само 167 илјади денари, зошто Куманово добива 233 милиони, а Град Скопје само 30 милиони, зошто Чаир добива 138,5 милиони, а Аеродром само 6 милиони, зошто Охрид добива 971 милиони, а Кавадарци 13,6 милиони, зошто Струга добива 262 милиони, а Велес само 91 милион? Зошто Дебар добива 109,5 милиони, а Крива Паланка 2,5 милиони, зошто Арачиново добива 30 милиони, а Радовиш само 4,2 милиони, зошто Кичево добива 146 милиони, а Ѓорче Петров само 3 милиони? Не смеат граѓаните да плаќаат за неспособноста на градоначалниците на СДСМ. Јавноста треба да знае дека основната причина зошто општините водени од СДСМ не можат да ги сервисираат долговите е фактот дека истите ниту имаат проекти, ниту пак знаат како да ги менаџираат општините, ниту пак знаат како да реализираат капитални инвестиции. Затоа и нивото на капитални инвестиции знаеме колкаво е. Доколку градоначалниците наместо да купуваат луксузни лимузини и возила се заинтересираа за капитални инвестиции истите општините ќе имаа поголеми приходи и ќе ги сервисираа своите долгови. Овој предлог на СДСМ е неправеден и мора веднаш да биде повлечен, а виновниците да бидат посочени и да се побара нивната одговорност, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

11.11.2018 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега