Лилјана Поповска: Мојата сила е во тоа што не сум зависник од власта

Единствената жена лидер на политичка партија во Македонија, по 25 години активна политичка кариера, од кои 13 години прв човек на ДОМ, замина од претседателската функција, посочувајќи дека тој чекор е логичен и природен процес на кој треба да се навикнува македонската политичка јавност.

Лилјана Поповска, сега само пратеник на ДОМ во Собранието, во интервју за Прес24, вели дека во 25 годишната политичка кариера била половина време опозиција, а половина дел од власта во рамки на двете најголеми коалиции. 

-ДОМ не се плаши од самостоен настап, туку се бори за него, ниту пак излегол од една влада за да влезе во друга, како што направија сите други партии и поединци. Партиите се независни субјекти и сами одлучуваат како ќе дејствуваат, дали некому и во кој период ќе му дадат поддршка, водејќи сметка за реализација на својата програма и за севкупните процеси во земјата. ДОМ бил поканет да учествува во едната, а по кризата и во втората коалиција, зашто  било проценето дека вреди и носи поддршка од одредени гласачи. Кога некој те кани во коалиција, не ти отстапува свое место, туку добива неколку свои места, кои би ги изгубил ако настапиш сам, или со друга групација. При коалицирањето сме преговарале за нашите програмски приоритети и токму на ваков начин и сме ги реализирале. Ова се вистинските состојби, како и фактот дека јас сум единствената жена политичарка и претседателка на партија во Македонија што останала на нозе четврт век. Можеби токму ова е мојот „грев“ за некои мразачи? Ако е, тогаш можам да бидам само горда!, вели Поповска во интервјуто за Прес24.

Поповска вели дека во Македонија и не треба да се бара само еден трет субјект, туку треба да се создаде демократски амбиент, за да има онолку субјекти, колку што има општествени групи со посебна идеологија и интерес, како во европските парламенти.

 Затоа ДОМ со години се бори за една изборна единица без праг, со отворени листи. За да се развива една партија, потребна е плодна почва, а не отров. А она што се случува кај нас е истурање отров врз една партија кога е дел од спротивната коалиција, а истовремено посакување таа иста партија да влезе во твојата коалиција, вели Лилјана Поповска во интервју за Прес24.

ПРЕС 24: Партијата ДОМ која што ја предводевте повеќе од една деценија неодамна доби нов претседател, а тоа некако помина незабележително во јавноста... Лилјана Поповска, иако претседател на условно мала политичка партија, сепак беше важен политички играч изминативе дваесетина години на политичката сцена... Како се случи да се повлечете од политичкиот мегдан?

ПОПОВСКА: Логично и природно, според план од претходниот конгрес на ДОМ во 2014, кога  најавив дека се нафаќам за трет и последен мандат. Дури и тогаш нерадо прифатив, но како партија се спремавме за напуштање на тогашната владина коалиција и одење во опозиција, а притисоците беа големи. Тогаш беше потребно моето искуство за да поминеме со што помали штети. Сега можев спокојно да заминам, зашто ДОМ е стабилна партија, полноправна членка на Европската зелена партија, со двојно повеќе пратеници и советници во важни урбани и рурални центри, со одличен тим, за кој зелените вредности се трајна мисија. Задоволна сум што за речиси 13 години сум заокружила цел циклус од иницијатива на нова политичка опција во Македонија, преку изградба на структура, идеолошко профилирање, до меѓународно позиционирање. Што уште да посакам? А за развој на една партија, потребна е повремена промена на лидерството, за да се внесе нов стил на работа и да се избегне генерациски јаз. Три мандати се навистина доволно! А јас имам и други полиња за мегдан.

ПРЕС 24: Она што сепак остава простор за дилема е што Поповска заминува од политичката сцена како лидер на партија во период кога е дел од власта... на такво нешто јавноста во Македонија не е навикната... па од овде легитимно е прашањето, што Ви недостасува во власта?

ПОПОВСКА: Е, тоа е штета, што јавноста не е навикната. Затоа некој треба да воведе ваква пракса! Инаку, оваа моја одлука нема врска со моменталната политичка состојба. Ќе заминев од претседател независно од околностите и сите мои блиски пријатели и соработници го знаеја ова. Некому можеби не му се верувало, но јас најавив и ја подготвував промената. Се чудам што некој се чуди, па заборава дека низ годините сум покажала повеќе пати дека јас ниедна власт, ни функција, не ја ставам пред јавниот интерес и своите убедувања. Затоа спокојно отстапив од заменик министер за развој, потпретседател на Собрание, учество во Влада и добитно пратеничко место. Во сите случаи, беше по првата или втората година од мандатот, во време на силна власт. И уште нешто да потсетам: својата 25-годишна политичка кариера ја започнав во опозициска партија и сум била буквално половина време во опозиција, половина во власт. Мојата сила е во тоа што не сум зависник од власта. За мене таа е само можност да реализирам програмски приоритети и да придонесам за Македонија.

ПРЕС 24: Мислите ли дека зад себе оставате партија која може да биде некаков сериозен трет политички субјект во државата?

ПОПОВСКА: ДОМ веќе сега е сериозен политички субјект со јасна зелена идеологија и успева во владините и локалните програми да ги внесе зелените политики. Тешко оди се уште соодветното буџетирањето, но и тука има поместувања, зашто во меѓувреме силно зајакна еколошката свест кај граѓаните. Ретко имаме можност за директна промоција и јавно признание дека се применила наша мерка или решение, но има илјадници граѓани кои не следат, ни сугерираат, помагаат. Тие граѓани се нашите сегашни и идни гласачи, како што се покажа и 2013 на локални избори, со околу 25.000 гласови.

И не треба да се бара само еден трет субјект, туку треба да се создаде демократски амбиент во Македонија, за да има онолку субјекти, колку што има општествени групи со посебна идеологија и интерес, како во европските парламенти. Затоа ДОМ со години се бори за една изборна единица без праг, со отворени листи.

Инаку, ДОМ го оставив во сигурни раце. Новата претседателка, Маја Морачанин е еден од оние кадри што ги градевме со години. Почна од активист, па потпретседател на општинска организација, потпретседател и претседател на Форумот на жени, портпарол и член на Извршниот одбор и конечно, пратеничка. Покрај извонредните човечки и професионални вредности, таа е искрено посветена на зелените вредности и обучена за водење политики. Сигурна сум дека ДОМ ќе напредува. Прво, зашто е автентична партија со посветени луѓе, со свои вредности и идеологија, а второ, зашто времето на зелените политики допрва доаѓа! Погледнете го нивниот подем во Европа!

ПРЕС 24: Во тој контекст е и вечната дилема, зошто во Македонија никогаш не успеа трета опција, како политичка понуда надвор од двете големи коалиции?

ПОПОВСКА: Затоа што ниедна од двете, условно, најголеми партии, не сакаше да овозможи амбиент за јакнење на автентични политички субјекти, преку една изборна единица, што толку упорно ја бараме. Гледате, уште е актуелна потребата за демократска обнова на Македонија! За да се развива една партија, потребна е плодна почва, а не отров. А она што се случува кај нас е истурање отров врз една партија кога е дел од спротивната коалиција, а истовремено посакување таа иста партија да влезе во твојата коалиција.

ПРЕС 24: Поповска вие бевте дел од владината коалиција на ВМРО ДПМНЕ се негде до периодот на бомбите, потоа станавте дел од владиното мнозинство на актуелната власт... Многумина Ве критикуваа за ова, некои од поранешните коалициони партнери имаа и потешки квалификации... Сакам да Ве прашам, дали тоа е прагматизам, или пак тоа е еден вид на опција за преживување на малите партии во Македонија?

ПОПОВСКА: Ни едното, ни другото. Тоа е резултат на отровот за кој зборував, од штапски машинерии за ширење дезинформации и омраза. Тој отров не труе сите, па ги забораваме фактите. Го пропуштивте периодот на формирање на ДОМ како самостоен опозициски субјект и самостојниот настап на парламентарните избори 2006 и локалните 2013, како и оние 2,5 години во опозиција за време на кризата, кога ДОМ беше на бришан простор, со целосна неизвесност како ќе се развиваат работите и ригорозни мерки кон наши членови. Едно ни беше јасно - дека треба принципиелно да застанеме против злоупотребите на високи функционери, за кои се слушаше од „бомбите“, а и се повеќе се гледаше. Значи, ДОМ не се плаши од самостоен настап, туку се бори за него, ниту пак излегол од една влада за да влезе во друга, како што направија сите други партии и поединци. Партиите се независни субјекти и сами одлучуваат како ќе дејствуваат, дали некому и во кој период ќе му дадат поддршка, водејќи сметка за реализација на својата програма и за севкупните процеси во земјата. ДОМ бил поканет да учествува во едната, а по кризата и во втората коалиција, зашто  било проценето дека вреди и носи поддршка од одредени гласачи. Кога некој те кани во коалиција, не ти отстапува свое место, туку добива неколку свои места, кои би ги изгубил ако настапиш сам, или со друга групација. При коалицирањето сме преговарале за нашите програмски приоритети и токму на ваков начин и сме ги реализирале. Ова се вистинските состојби, како и фактот дека јас сум единствената жена политичарка и претседателка на партија во Македонија што останала на нозе четврт век. Можеби токму ова е мојот „грев“ за некои мразачи? Ако е, тогаш можам да бидам само горда!

ПРЕС 24: Колку сте задоволни од досегашното функционирање на владата, и како коалиционен партнер, но и како оценка за успешноста на оваа Влада?

ПОПОВСКА: Помина само 1,5 година на оваа Влада, која ја имаше неблагодарната улога да направи позитивни промени на повеќе полиња. Главната позитивна промена за мене е слободата на изразување и зајакнатата граѓанска свест, која е и ќе биде контролор на оваа и сите идни влади. Главниот испит ќе биде во сферата на правото и правдата, зашто на тоа падна претходната влада. Тука имаме какофонија и допрва ќе видиме како ќе се отплеткаме како држава од неа. Односите внатре се коректни, има многу луѓе дојдени со голем ентузијазам, но тимот се уште не е ускладен и разигран во права смисла. Постои голема хетерогеност и меѓусебно непознавање, но јас сум оптимист.

ПРЕС 24: Имам чувство дека како ДОМ, а посебно вие како Лилјана Поповска, не бевте доволно сигурни дали договорот со Грција е добар, можеби тоа е моја констатација, ако грешам поправете ме?

ПОПОВСКА: Како може да биде добар? Ова е наметнат договор во наметнат спор, од страна на посилна држава кон послаба. Зад оваа држава и нејзините ирационални барања застанаа речиси сите земји од ЕУ и НАТО. Република Македонија остана сама и незаштитена на турбулентниот „Западен Балкан“, со непремостлива рампа пред елитниот клуб кој е наша стратешка определба. За граѓаните е многу поедноставно да одлучат што да прават, да излезат или не на избори или на референдум. И тоа е нивно право. На политичарите останува тежината и одговорноста да донесат одлуки со кои ќе ја извлечат земјата од изолација и ќе спречат можни закани. Нема потешко за политичар од избор помеѓу две лоши решенија. Го избираш она, за кое мислиш дека ќе биде помалку лошо во иднина. Голема штета е што не се успеа во обезбедување консензус за вакво темелно прашање за државата уште во текот на преговорите. Ќе имавме посилна меѓународна позиција, а ќе ја избегневме или барем намалевме оваа страшна поделба помеѓу луѓето, која може да остане со генерации. Жестоко е ова што го бара елитниот клуб од нас. Жестоко, неправедно и надвор од меѓународното право и пракса. Дали е ова пат кон трајна стабилност? Не сум сигурна, зашто болката од неправдата останува и ќе побуди некои сегашни или идни правници да ја бараат правдата низ меѓународни институции во иднина.

ПРЕС 24: Како гледате на бегството на Никола Груевски од Македонија?

ПОПОВСКА: Шокантно и непримерно за било кого, посебно за поранешен премиер. Ова е и неуспешен тест за функционирањето на македонските институции.

ПРЕС 24: Вие сте политички субјект кој во Македонија наметна една сериозна политика на еколошка свест... бевте против отворањето на рудници и серија други не еколошки проекти... сакам да Ве прашам, дали таа политика на ригорозна екологија не е на штета на економскиот развој на државата... и може ли да се стави равенство на тоа што е екологија, а што општествен економски интерес?

ПОПОВСКА: Зелените политики на ДОМ како зелени се во интерес на сите граѓани. Сите имаме право на здрава животна средина. Треба да се смени концептот за економски развој. Не е доволно само да расте БДП, туку да имаме одржлив развој. На пример, што ќе биде ако се отворат 80 рудници за металични суровини со отворен коп, со цијаниди и сулфурна киселина при лужење и флотација? Издупчени планини, отровни езера од јаловина, затруена почва,  вода и воздух, пропаст за земјоделието и туризмот во цела источна Македонија! Да, ќе има инвестиции, БДП ќе порасне во текот на 30-ина години, по што копачите си заминуваат и оставаат пустош, нарушено здравје и природа! За пар стотина вработувања и бедни 2% добивка за државата. Дали ваков економски развој, по оваа цена е прифатлив за нормален човек? НЕ. Економијата и екологијата треба да одат рака под рака! Во време кога цела цивилизирана Европа е на нозе во борбата против климатските промени и загадувањата, не смее Македонија да биде полигон за брзи профити на валканиот бизнис и валканите политики!

ПРЕС 24: Дали сте задоволни од она што градоначалникот на Скопје го прави во поглед на загадувањето на градот?

ПОПОВСКА: Градоначалникот Шилегов има недвосмислена силна воља, што ја покажа уште како пратеник, поддржувајќи го предлогот на ДОМ за Законот за зеленило, за кој се боревме 7 години и кој 3 пати ни беше одбиван во Собранието. Работи на сериозни капитални проекти во сообраќајот, во тек е набавка на еколошки автобуси, презеде редица мерки кои се и наши предлози. Го ангажира Мирослав Богдановски, потпретседател на ДОМ, за главен градски инспектор, откако тој се покажа како бескомпромисен борец против загадувањето, како директор на Државниот инспекторат за животна средина. (Патем, тоа некому не му се допадна, па по 7 месеци беше сменет без објаснување!) Во тек е опремување на градскиот инспекторат, кој беше во очајна состојба, со 4 инспектори за животна средина и без никаква опрема. Но, градоначалникот е многу оштетен со новиот буџет, со скромни средства, ни приближни на потребите за итни, ригорозни и масовни мерки против загадувањето на воздухот. За ова ќе отвориме дискусија и во Собранието, мора Скопје, а и цела Република Македонија да добие пристојна сума за оваа намена! Очекувам и градоначалникот жестоко да се бори за ова.

 

 

 

 

18.11.2018 - 13:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега