СДСМ: 11 години ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше проблемот со загадувањето
Единаесет години ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше проблемот со загадувањето и свесно ги уништуваше зеленилото и животната средина, велат од СДСМ во нивното соопштение.
„Заради криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ се зголеми сиромаштијата. Катастрофа предизвикаа во енергетиката, заради личното богатење на поединци, укината беше евтината тарифа на струјата, а цената на електричната енергија поскапе за 100 отсто.
Стотици илјадници семејства беа приморани да преминат на загревање со нееколошки енергенси, со што загадувањето значително се зголеми.
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски како прв човек на АД ЕЛЕМ директно придонесоа за интензивирање на аерозагадувањето“, се вели во соопштението на партијата.
Наспроти, таквиот однос кон граѓаните и животната средина, велат од СДСМ, Владата заедно со надлежните институции секојдневно спроведува мерки за решавање на долгогодишниот проблем со аерозагадувањето.
„Интезивно се работи на проектот на гасификација којшто е стратешки приоритет на Владата редводена од СДСМ, проект што ќе ги намали трошоците на граѓаните и компаниите, но истовремено ќе придонесе и за намалување на загадувањето на воздухот.
Обновувањето на изгубеното зеленило и засадување на ново, поголем инспекциски надзор и контрола на големите загадувачи, детектирање на дивите депонии, набавка на нови еколошлки автобуси, поставувањето на прочистувачи на воздух во училиштата и градинките се само дел од низата мерки што секојдневно се преземаат за надминување на проблемот со загадениот воздух“, велат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа