Стоилковски: Заев со партизација и непотизам го поттикнува иселувањето на младите
Зоран Заев без трошка срам по две години, по половина мандат владеење, признава дека има партизација и дека нема никаков план за младите. Тој ниту знае, ниту може да го спречи иселувањето, а не пак како што велеше да ги врати според него 600.000 иселени граѓани, истакна на денешната прес-кнференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој посочи дека не поминува конкурс во којшто не се вработува ќерка, син, мајка, брачен партнер, па дури и фризер на некој од актуелните функционери на СДСМ или Коалицијата.
-Или кратко кажано црн непотизам без срам. За потсетување СДСМ и Заев велеа дека за само 100 дена од неговото владеење ќе почне враќањето на младите кои што се иселиле. Заев сега нема проблем со партизацијата и распишаните 15.000 огласи за вработување во администрацијата. Па и се фали со тоа. Онаа иста администрација која ја нарекуваа партизирана сега ја партизираат со деца и блиски на активисти на СДСМ и коалициските партнери. Наместо врвно квалификувани образувани професионални млади со европски идеи, во Република Македонија најдобри кандидати за работа во државната администрација се децата на Талат Џафери, на Љубомир Данаилов Фрчкоски, на Мирослав Грчев, двете ќерки на Невзат Бејта, децата на пратеници, на општински партиски моќници кои се вдомуваат во МЕПСО, ТЕЛЕКОМ, М-НАВ. Зоране Заев, тие ли се најдобрите кадри за работа за распишаните 15.000 работни места? Тоа ли е менувањето на амбиентот за кој што зборувавте дека ќе го направите за да се задржат младите и дека би ги вратиле иселените?, прашува Стоилковски.
Тој вели за илустрација дека: Ќерката на Невзат Бејта добила работа во МЕПСО, каде што се јавила како најдобра и ќе зема плата околу 600 евра. Другата ќерка му била најдобра на оглас во Телеком.
-Јон Фрчкоски, син на професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски е поставен за помошник директор во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор, за плата од над 50.000 денари. Еден од директорите на Државното воздухопловно претпријатие е зет на поранешната Министерката за образование,сега за правда Рената Дескоска. Министерот за земјоделство и шумарство, Љупчо Николовски ја потврди информацијата дека негов роднина е вработен во М-НАВ. Само М-НАВ, Македонската Неофицијална Агенција за Вработување, во оваа 2018 година се поднови со над 24 нови партиски искусни кадри, меѓу кои и партнерот на Заев, Стојанче Ангелов. Да потсетиме, комисиите за вработување од таму дојавуваваа во медиумите за притисоците врз нив да бидат примени лица кои што не исполнувале услови, како синови, ќерки, браќа, сестри и внуци, на познати функционери каде штосе земаат плати неколкукратно повисоки од просечната. Таму се вработени и син на директор на социјалните фондови, сестра на вицепремиер, внуци на директор на телекомуникациски оператор и на партиски-коалициски партнер, зет на охридскиот прв СДСМ-овец, син на пратеничката од ДУИ, Шпреса Кадри и др. Ете тоа е црниот живот во Република Македонија со Зоран Заев и СДСМ. Администрацијата да се полни и да се вработуваат луѓе од Мрежата од Црните тефтери на СДСМ, со спроведување на партизација „од хигиеничар до министер, или какошто велеа членската на СДСМ да биде замена за сите лични документи. Партизација од Агенции со огромни плати за македонски услови, до Јавните претпријатија како Комунална Хигиена и Македонски шуми, нагласува Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека партизацијата и непотизмот се наведени и во дел од Извештајот на Европската Комисија каде што пишува дека владејачката СДСМ прави партизација на институциите во Република Македонија, каде што се ставаат партиски кадри кои не ги исполнуваат условите и не се подобни за вршење на таква висока функција.
-Ете тоа се реформите, тоа е јавната администрација, замислени од СДСМ? Тоа се тие вредности кон кои води СДСМ? Наместо професионална функционална администрација во служба на граѓаните, СДСМ ја злоупотребува администрацијата само за вработувања на партиските војници. Партизацијата на администрацијата е најлошата антиреформа. Тука во овој мрачен систем нема место за професионалци. Одговорност за овој мрачен период на Република Македонија мора да има. И ќе има, многу скоро, рече Стоилковски на денешната прес-конференција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа