Груевски: Американските бизнисмени покажаа голема заинтересираност за инвестирање во Македонија

 

Македонска владина делегација предводена од претседателот на Владата, Никола Груевски, ги претстави можностите за инвестирање во Македонија пред американските компании и бизнисмени, за врема на неколкудневната работна посета на САД.

Засега, американска текстилна компанија е заинтересирана за соработка со македонски компании, а од мај идната година се очекува и првата група туристи од Америка кои ќе ја посетат Македонија.

На вчерашниот бизнис форум во Бостон на кој присуствуваше македонската владина делегација беа презентирани поволностите за инвестирање пред 40-тина компании од областа на текстилната индустрија, туризмот, образованието и медицината.

Премиерот Груевски пред бостонските бизнисмени ги истакна најнискиот даночен пакет во Европа кој постои во Македонија, обезбедените пазари од над 600 милиони потрошувачи преку договорите за слободна трговија, поволностите во технолошко-индустриските развојни зони и едуцираната работна сила. Тој ги повика бизнисмените да ја посетат Македонија и да се уверат во презентираните факти и да согледаат дека постои простор за нивни инвестиции и водење профитабилен бизнис.

- Ова беше нашиот трет бизнис форум, овде во Бостон. Можам да кажам дека сите три форуми беа успешни, имавме над сто компании кои присуствуваа на овие форуми, покажаа голем интерес, многу прашања, многу дискусии, со многу од нив имавме и засебни средби, така што имам очекување и постои простор дека со дел од нив ќе ги продолжиме контактите со верба дека со некои од нив ќе успееме да направиме аранжман, односно тие да дојдат во Македонија и да отворат своја компанија и да изградат своја компанија. Тоа е и нашата цел на ова доаѓање, да ги анимираме потенцијалните инвеститори, да дојдат на прво соочување со фактите околу Македонија, а подоцна преку продолжени разговори со нив и дискусии и одговори на многу нивни прашања да успееме дел од нив да ги привлечеме да отворат нови работни места во Република Македонија, изјави Груевски.

И вицепремиерот Ставревски со позитивни очекувања за странските инвестиции.

- Имавме исклучително успешна презентација на Република Македонија и можностите за инвестирање, овде во Бостон. Голем интерес од страна на бизнисмените од Бостон за поволностите во даночната сфера, за можностите за инвестирање во разни сектори, за тоа дека Македонија е најниско задолжена земја во регионот, за реформите што ги направивме во бизнис климата. Сето тоа ја прави Македонија конкурентна во однос на други земји, ги прави условите подобри за заштеда на трошоци за нив, а за нас за отворање нови работни места. Имаше многу прашања. Очекувам да дојдат во Македонија еден добар дел од нив и да продолжиме со оваа дискусија. Веруваме дека ќе се материјализираат дел од инвестициите во блиска иднина, оцени вицепремиерот Ставрески.

Со тоа, заврши економскиот дел од посетата на владината делегација во САД.  Денеска премиерот Груевски ќе има обраќање пред Генералното Собрание на Обединетите нации.

27.09.2013 - 12:05

најчитано сега