Дополнителни 30 дена за одобрување на увезените камиони со ЕУРО 3
Се продолжува рокот за одобрување на увезените камиони со ЕУРО стандардот кои влегле во Македонија до 30 јуни. Со измените, се добиваат дополнителни 30 дена за да се заврши постапката на одобрување, соопшти денеска Министерството за економија.
Бирото за метрологија, во периодот до 30 јуни 2013 година го продолжува рокот се со цел да се излезе во пресрет на барањата на увозниците - сопственици на половни товарни возила кои го исполнуваат ЕУРО 3 стандардот, но од различни причини не отпочнале постапка.
Причина за ова, како што е наведено во соопштението, била информацијата за значителен број товарни возила, кои го исполнуваат ЕУРО 3 стандардот и за кои веќе се платени царинските давачки и поседуваат царински декларации, а влегле во Република Македонија до 30 јуни 2013 година.
Министерството за економија, според соопштението, сметаше дека е потребно да се изврши продолжување на периодот во кој ќе може да се врши увоз на товарни возила, кои ги исполнуваат ЕУРО 3 стандардите од причина што товарните возила со ЕУРО 4 стандарди се значително поскапи и нивниот увоз дополнително ќе го оптовари работењето на фирмите кои товарните возила ги користат за превоз на стоки, односно како основни средства за работа.
Инаку, во Република Македонија од декември 2012 до јуни 2013 година беа увезени 880 половни возила од категорија Н и О.