„Охридско лето“ - најуспешен туристички настан годинава

 

Министерството за економија го прогласи Фестивалот „Охридско лето“ за најуспешен туристички настан во 2013 година. Признанитето и беше врачено на директорката на најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата, Елизабета Јанкуловска.

- Навистина сме благодарни, но и почестени што го добивме ова признание кое ги потврдува нашите заложби, културата да биде еден од главните чинители во развојот на туризмот. „Охридско лето“ е наш најголем културен бренд,  еден од главните чинители на музичката култура на земјава, промотор на националното музичко творештво и амбасадор на македонската музичка уметност во светот. Но исто така Охридско лето е и најголем туристички настан кој покрај бројните уметници, над илјада кои секоја година настапуваат на фестивалската сцена, привлекува и бројни гости, туристи кои доаѓаат токму да ги слушнат големите светски ѕвезди и да ги видат најдобрите театарски претстави, изјави Јанкуловска, изразувајќи благодарност на целиот тим на фестивалот за посветеноста на сите поединци во насока на продолжување на успешната 53-годишна фестивалска традиција која „Охридско лето“ го издигна на самиот врв на светската уметничка сцена.

И Струмичкиот карневал и манифестацијата „Сите заедно за сите поубаво“ беа рангирани меѓу најдобро реализираните манифестации годинава.

На свеченоста беа доделени и плакети на најуспешните туристички агенции, кои донеле најмногу странски туристи во Македонија, како и на најуспешните хотели. Признанија за привлекувањето најголем број странски туристи во земјата им беа доделени на агенциите „Македонија Травел“, „Атлас корпорејшн“ и „Ита компани“ сите од Скопје, додека за најдобри хотели се прогласени „Аурора“ од Берово, „Супер 8“ од Скопје и „Гранит“ од Охрид.

Приливот на туристи и бројот остварени ноќевања постојано се зголемува. За првите седум месеци од оваа година реализирано е зголемување на бројот на туристите за 2,8 отсто, најмногу во бројот странски туристи каде зголемувањето изнесува 11,4 проценти. Притоа девизниот прилив од туристичката дејност е зголемена за 12,5 отсто, а исто така пораст бележи и стапката на вработувања во туризмот.

27.09.2013 - 14:12
Фото: 
Охридсколето

најчитано сега