СПМ: Безрезервна поддршка на кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова
Социјалистичката партија на Македонија изрази задоволството од изборот на професорката Гордана Силјановска-Давкова за кандидат за претседател на Републиката, имајќи ги во предвид меѓусебните коалициони разговори, кои претходеле за профилот на личноста со изграден авторитет, знаење и способност, односно личност која ќе може да ги обедини сите граѓани во Македонија.
„Ние сметаме дека нејзиниот избор е резултат и на изграденото внатрепартиско единство и сплотеност, како и на коалиционото разбирање и взаемно почитување. Особено што за избраниот кандидат безрезервна поддршка изразија и останатите, не помалку квалитетни кандидати, со што ја покажаа својата висока свест, морал и ширина, препознавајќи ги повисоките интереси и цели. Сето тоа претставува и потврда на највисокиот степен на демократски капацитет изразен на самата конвенција. Покажана е зрелост, сериозност и пред сè одговорност за националните и државните интереси, како предвесник за нужните промени кои ќе се случат“, велат од СПМ, која е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалистите ги повикаа сите демократски и слободољубиви граѓани на Македонија на обединување и поддршка на личноста со неспорен интегритет, со вредности и принципи за правда и праведност кои никогаш нема да ги напушти.
„Таа, како искрен родољуб, нема да го погази Уставот и законот и ќе ги сруши етничките бариери, ќе ги надмине внатрешните подделби, обединувајќи ги спротивставеностите“, нагласуваат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа