Македонија бележи позитивен тренд во текстилната индустрија

 

Стопанската комора на Македонија соопшти дека се забележува напредок во текстилната индустрија.

Според податоците од Стопанската комора, извозот е зголемен за осум отсто и во првите шест месеци достигна 337 милиони долари, додека увозот е 255 милиони долари и е на речиси исто ниво како минатата година.

- Овој позитивен тренд што го покажуваат и резултатите од зголемувањето на извозот, е пред се и делумно од заживувањето на економијата во ЕУ, како и од зголемувањето на цената на готовите производи, рече Сашо Деспотовски од Комората на прес-конференција.

Стопанската комора уште еднаш апелира на потребата од интензивна соработка меѓу науката, државата и бизнисот за зголемување на иновативноста што е чекор напред кон ЕУ.

- За да бидеме поконкурентни мора да добиеме поддршка од државата преку поволни кредити или гарантни фондови. Така ќе го подобриме квалитетот и ќе ја зголемиме конкуренцијата, напомена Деспотовски.

Од Стопанската комора информираат дека за една година може да се очекуваат и првите акредитирани анализи на текстилните производи во лабораторијата на Технолошко-металуршкиот факултет која е веќе опремена.

- Лабораторијата ќе овозможи повеќе видови услуги, проверка на квалитетот на производите и на рекламациите на купувачите, испитување на физичко-хемиските својства на текстилните материјали, нивната постојаност, бојата и степенот на белина, карактеризација на суровините,..., истакна Јадранка Аризанковска од Комората. 

 

30.09.2013 - 13:20

најчитано сега