Јанакиески: Државна институција ќе гарантира за стабилноста на градбите
Со измените и дополнувањата на Законот за градење, е предвидено државните научно истражувачки институции специјализирани во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија да даваат мислење за стабилноста на идните градби и да бидат дел од задолжителната документација при добивање одобрение. За ова денеска информираше македонскиот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
- Нашата главна цел е државата да има засилена контрола во делот на сеизмичката заштита на сите објекти што ќе се градат во Република Македонија, истакна министерот Јанакиески.
Научните институти специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија што ќе гарантираат за стабилноста ќе треба да се лиценцираат за издавање мислења.
- Самата градба воопшто нема да биде обременета со високи трошоци затоа што нашата крајна цел е државата да има засилена контрола во делот на сеизмичката заштита на објектите што се градат, а ова беше и едно од барањата и дискусиите отвотени на 50-годишнината од скопскиот земјотрес, истакна Јанакиески
За градбите до 300 метри квадратни, претежно за куќи, ќе треба да се обезбеди мислење само во тек на проектирањето. За сите градби со поголема површина од 300 метри квадратни ќе се обезбедува мислење и при проектирање, градење и ставање во употреба.
Според директорот на Институтот за земјотресно инжинерство ИЗИС Михаил гаревски, предложените законски измени се многу корисни и со нивна примена речиси целосно ќе се намалат ризиците за градбите.
- Ова е одличен предлог на Министерството за транспорт и врски и е во интерес на граѓаните и заштитата на имотот. Практично ризиците речисии ќе ги нема, но не може да се исклучат. Се предвидува мислење во тек на проектирањето и инвеститорот ќе биде претплазлив затоа што ќе знае дека ќе има контрола и во тек на градбата и пред нејзиниот технички прием, изјави Гаревски.
Во предлог-законот е предвидена глоба во износ од 15.000 до 17.000 евра во денарска противвредност за прекршок на правно лице изведувач и глоба од 9.000 до 11.000 евра на одговорното лице во правното лице, ако при изведување на градбата не обезбеди соодветно мислење од наделжниот орган.
Со глоба во износ од 7.000 до 9.000 евра ќе се санкционира евентуален прекршок на инженер за изведба ако при изведување градби не обезбеди мислење. Предвидена е и глоба во износ од 15.000 до 17.000 евра за прекршок на субјектот што врши научноистражувачка дејност, како и глоба од 9.000 до 11.000 евра за одговорното лице, ако изработи мислење за проектираниот и мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата спротивно на прописите. За тоа е предвидена и глоба во износ од 7.000 до 9.000 евра во за прекршок на лице вработено во субјектот кој врши научно истражувачка дејност.