Сарачини очекува до 3 отсто раст на македонската економија
Министерот за економија Ваљон Сарачини изјави дека годинава очекува македонската економија да има раст од 2,5 до 3 проценти.
- Во првите два квартала од годинава имавме раст поголем од очекуваниот. Очекувам таквиот тренд да продолжи и 2013-та да ја завршиме со раст од 2,5 до 3 отсто, рече Сарачини, одговарајќи на новинарско прашање по денешната средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија Мендерес Кучи.
Тој нагласи дека дадоа резултати сите мерки и политики на Владата преземени во 2012 и 2013 година за амортизирање на негативните ефекти од еврокризата.
- Почнуваат да се зголемуваат нарачките од странските пазари. Имаме и зголемување на извозот на нашите производи во западноевропските земји за 10 до 15 отсто. Сведоци сме дека и економијата во земјите од ЕУ се подобрува. Затоа очекувам да продолжи растот на македонската економија до крајов на годинава, рече министерот Сарачини.